Руските сили ноќеска извршија ракетен напад врз градот Славјанск во областа Доњецк во Украина, при што загинаа најмалку три лица, а беа повредени уште шестмина, Укринформ ја пренесува објавата на Фејсбук од Павло Кириленко, шеф на регионалната воена управа на Доњецк.
„Најмалку три лица загинаа, а шест се повредени во ракетен напад на Русите врз Славјанск во текот на ноќта. Оштетени се училиште и најмалку седум станбени згради“, се вели во соопштението.
Според Кириленко, спасувачките операции се во тек и се разјаснува точниот број на жртви.
Тој нагласи дека „овој воздушен напад е уште едно злосторство извршено од руските окупаторски сили на нашата земја, а жртвите се цивили“.
„Уште еднаш повторувам дека нема безбедни места во регионот на Доњецк, затоа повторно ве повикувам: евакуирајте – спасете ги животите. Путин води војна за истребување на Украинците“, рече Кириленко.
На 30 мај, руските сили пукаа врз 46 населени места во регионите Доњецк и Луганск, при што беа оштетени 39 цивилни објекти. Најмалку три лица загинаа, а седум други се повредени во гранатирањето, информираат украинските власти.