Согласно членовите 6, 8 и 13 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета од лицата Драган Ковачки, член на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ, БАРАМ ЈАВНО ИЗВИНУВАЊЕ И ПОВЛЕКУВАЊЕ НА ИЗЈАВИТЕ (во рок од 48 часа) кои содржат навреди и клевети изнесени преку средствата за јавно информирање и социјалните медиуми дека (како што тврдат) сум бил „задолжен од Министерството за одбрана за објавување на текстови на Фејсбук, вршење агитација и т.н. за потребите на политичка партија/коалиција“ и дека тоа сум го правел „за одредена сума на пари“ исплатени од Министерството на одбрана, пишува професорот Темелко Ристески на Фејсбук.
„Во таа насока под целосна морална, материјална и кривична одговорност изјавувам дека за моите 72 години живот и 50 години кариера како воено лице, професор и експерт од областа на правото и одбраната, не сум злоупотребил ниту еден денар туѓи пари по било кој основ.
Договорот кој го склучив со министерството за одбрана (со архивски број 04-80/3 од 02.01.2020 година) на ниту едно место не предвидува мој ангажман во тоа министерство за партиско-политички потреби на било која партија/коалиција.
Споменатиот извештај на кој се повикуваат Ковачки и Стоилковски е извештај кој се поднесува еднаш месечно и претставува еден од вкупно 17 (седумнаесет) извештаи поднесени во текот на мојот 17 месечен ангажман во министерството. Во овие 17 извештаи детално се опишани сите реализирани активности по договорот, но и надвор од договорот (за што имам неспорно уставно загарантирано право).
Драган Ковачки и Наум Стоилковски многу добро знаат дека услугите по договор за дело се исплаќаат од надлежните државни органи по основ на самиот договор и по основ на делата реализирани во рамки на тој договор. Ковачки и Стоилковски многу добро знаат дека Министерството нема обврска да врши исплати за услуги надвор од овие договори, независно дали тие се дел од извештаите или дел од било која пропратна документација.
Знаејќи го ова, а во обид да спечалат евтини дневно-политички поени за потребите на ВМРО-ДПМНЕ, Ковачки и Стоилковски свесно злоупотребуваат документ којшто покрај реализираните активности по основ на договор содржи и други елементи кои не се предмет на тој договор.
На тој начин Ковачки и Стоилковски манипулирајќи со јавноста преку изнесување на полувистини, но и груби лаги, свесно клеветат, навредуваат и нанесуваат непоправлива штета на моите чест и углед за што имам намера да покренам постапка пред надлежен суд каде што ќе имаат прилика да ја докажат вистинитоста на своите тврдења.
До тогаш јавно порачувам дека ваквите обиди на поединци од ВМРО-ДПМНЕ за омаловажување на мојата личност и моите дела, нема да ме обесхрабрат и понатаму јавно да ги изнесувам своите лични политички уверувања, не криејќи ги моите отворени симпатии кон социјалдемократската идеологија и нејзините претставници на македонската политичка сцена.
Дополнително, изразувам жалење што во државните институции сѐ уште работат административни службеници коишто преку злоупотреба на своите овластувања надвор од институциите изнесуваат документација која е во служба на клеветите изречени јавно од претставници на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Во таа насока ги охрабрувам раководните лица во сите државни институции да преземат соодветни мерки за дисциплинска, но и друг вид на одговорност на административните службеници коишто за дневно политички потреби вршат злоупотреба на службената документација на органите на управата.
Конечно, улогата на опозицијата во демократска држава е да биде коректор на работењето на власта. Крајно разочарувачки за македонското општество е фактот што сериозно лимитираните интелектуални капацитети на некои претставници на ВМРО-ДПМНЕ ја оддалечуваат оваа партија од ваквата улога, ставајќи ја во служба на вистинскиот криминал во државата теледиригиран од удобните апартмани во Будимпешта“, стои во објавата.