Поранешен шеф на украинската тајна служба уапсен во Србија со многу пари и накит, пренесува српска Политика. Андриј Наумов до неодамна бил еден од водачите на украинската разузнавачка служба СБУ, но на 31 март, украинскиот претседател, Володимир Зеленски го смени од функцијата, обвинувајќи го за велепредавство. Тој беше уапсен пред три дена во Србија, пишува загрепски Јутарњи лист, повикувајќи се на украинскиот портал Н.В.
Според досегашните информации, Наумов бил уапсен на југот на Србија, на граничниот премин кај Прешево, заедно со германски државјанин, наводно негов возач, во автомобил марка „бмв“ под сомнение за перење пари. Српското министерство за внатрешни работи ги објави само нивните иницијали, наведувајќи дека на преминот Прешево со Северна Македонија граничната полиција пронашла 607.990 евра и 124.924 долари во готовина и два скапоцени камења – смарагди.
Тие не пријавиле ниту пари ниту скапоцени камења, па се обвинети дека ги набавиле со криминални активности.
⚡️ Ukrainska Pravda: Fugitive Security Service ex-general reportedly detained in Serbia.
Andriy Naumov, who headed the agency’s internal security department, left Ukraine on Feb. 23, hours before Russia launched its full-scale invasion.
— The Kyiv Independent (@KyivIndependent) June 10, 2022
Наумов и неговиот придружник се соочуваат со затворска казна од една до 12 години, но украинските медиуми пишуваат дека постои страв дека, поради фактот што Наумов поседува бројни украински државни тајни, би можел да се обиде да ги тргува во замена за својата слобода. Во тој контекст, го наведуваат и фактот дека на чело на МВР во Србија е Александар Вулин, политичар близок до Кремљ.
На осомничените им е одредена мерка притвор до 48 часа, а со кривична пријава се изведени во надлежното обвинителство. Тие се во истражниот затвор во Ниш, а Наумов, како што е познато, не се обратил за помош до Амбасадата на Украина.
Обработка: И. Т. З.
Извор: Politika.rs