ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски со крајно неодговорно однесување нанесуваат штета на државните позиции и националните интереси. Очигледно Мицкоски жестоко одбработува за туѓи, странски интереси, кои не ѝ мислат добро на нашата земја, диригирани од анти ЕУ и анти НАТО центри на моќ, пишува во соопштението на СДСМ.
Изминатиот период јавноста е сведок на хистерично ширење на невистини поврзани со отворените прашања со соседна Бугарија и т.н. француски предлог, кој се уште не е усогласен на ниво на сите членки на ЕУ и формално не е доставен до нашите институции. Се пласираат невистини за наводна бугаризација, за промена на македонскиот јазик, за македонскиот идентитет, па дури се споменува и наводна цензура, пишува во соопштението.
Каков и да биде конечниот усогласен текст на францускиот предлог, за истиот да биде прифатлив за нас, клучни се неколку елементи и тоа чиста формулација за македонскиот јазик во преговарачката рамка и јасна заштита на македонскиот идентитет, велат од СДСМ.
Историските прашања не можат да бидат критериуми во преговарачката рамка, преговорите помеѓу Северна Македонија и ЕУ мора да почнат пред отпочнувањето на постапката за уставните измени за вклучување на Бугарите, Хрватите и Црногорците во преамбулата на Уставот, цврсти гаранции и од Бугарија и од Европската Унија дека Бугарија нема да условува со нови барања, а секое решение ќе биде консултирано со институциите на Република Северна Македонија, пишува во партиското соопштение.
Од СДСМ велат дека јавноста гледа дека во ВМРО-ДПМНЕ ништо не се менува и дека наштетуваат со ширење невистини, дезинформации и манипулации, заради лични и партиски интереси.