пишува: НЕНАД ЈОВАНОВИЌ
„Францускиот предлог“ во земјава се претстави како сериозен шамар. Очигледно е дека ние трошиме силна енергија на работи кои не можат да бидат предмет на расправа. Гледајќи ги дебатите на медиумите за предлогот на Французите, тие не водат кон ништо, освен што водат кон понатамошно масакрирање на европската интеграција на земјата, при што, сосема е јасно, мирот во овој случај е претставен како војна со други сретства.
Тоа, во овој контекст, претставува единствена идеологија, во голема мера исфорсиран од радикалните и антиевропски сили во Бугарија, а Европјаните, барем до сега, таквата идеологија ја толерираат. Ако вака изгледа „политика на помирување“, мора да бидам крајно отворен, вака работи политиката на Кремљ. На што ја темелам оваа теза? Ако вака изгледа „политика на помирување“, каде што првиот сосед ќе го негира твојот идентитет и јазик, не треба да биде човек голем мудрец за да се присети што Путин зборуваше за Украина пред да ја нападне воено.
Што, имено, рече Путин? Рече дека Украинците се создадени од Руси. Конкретно, Украинците ги створил Владимир Илич Ленин, па уште им придодаде и некои традиционални делови од Русија. Понатаму, рече и тоа, „Украина не е само сосед на Русија, туку, всушност, тоа е Руска земја, а украинците се одродени, преобразени Руси. Тоа, пак, што не е Руско, вели Путин, украдено е од Германиците. Украина, вели Путин, не постои. Украинците не постојат, тие ја преземале верата и идентитетот од Руските непријатели. Путин ги повика Украинците повторно да се вратат на своето, а тоа е да станат Руси. И сега, не треба да сте паметни за да соберете два и два, нели?
Денес, истата работа се случува помеѓу Бугарија и Северна Македонија. Денес ни се негира идентитетот, јазикот и историјата од нашите први соседи, Бугарите. Кампањата за таквата „политика“ засега се одвива на медиумите, што во некоја первертирана варијанта е добро. Подобро лудило на медиуми отколку во реалноста.
Војната од 1992 година, на некое симболично ниво, се уште не е завршена. Да се присетиме, Србите на Хрватите им велеа дека не се Хрвати, туку дека гранците на Хрватите ги измислил Јосип Броз, а другото убедување им беше дека тие не војуваат против народот, туку против усташите. Само еден мал пасус треба да не поучи што се правеше тогаш меѓу србите и хрватите, само мал пасус треба да не поучи што рече Путин за Украинците, и само мал пасус треба да не поучи што денес ни говорат Бугарите. И што знам, веројатно не е ниту ова комплицирано за да се сфати дека работите се крволочни кога ќе се противстават два опаки национализми?
Ама исто така знаеме нешто кое е многу полошо и нешто кое на интезивен начин ја растура нашата човечност, а тоа е војната. Знаме исто така дека во првото „соседство на пеколот“ никој тука ништо не разбира. Затоа што го нема тој Германец, го нема тој Француз, го нема тој Американец, па го нема дури ниту Пољакот и Чехот, кој би знаел да каже што значи да се одрекнеш од Укаринецот затоа што е Укаринец, да се одрекнеш од Србинот затоа што е Србин, да се одрекнеш од Македонецот затоа што е Македонец. Освен тоа што човек многу повеќе станува тоа кое му го оспоруваш во неговиот иденитет, и почнува да му станува сосема ирелевентно и тоа што во себе има некој плус идентитет освен тоа што е Украинец, Србин или Македонец. Ужасот на неговото расчовечување станува нешто трајно кое ќе го обележи за целиот живот, засекогаш раздвојувајќи го од останатиот свет.
Ова го зборувам од лична позиција: ништо така мојата општественост/ангажираност не ја обележи како што ја обележи кампањата „за Другиот“, а таквата кампања трае и ден денешен. Многу ми е лесно да речам дека не сум „чист“ Македонец, затоа што сум дете од мешан брак, јас сум и Македонец и Србин, а најчесто сум само човек, без некоја силна етничка арбитрарност. Добро, Македонец сум, ама можев да бидам и нешто друго. Ама разбирам кога некој му го негира неговиот идентитет, неговиот јазик и сеќавање. И тоа е монструозно, бесчуствително и не воведува во „пеколот на другоста“.
Тие идентитети, драги мои пријатели, мислам дека ниту Шолц, а богами ниту Макрон, не ги разбираат до крај. А почнувам да мислам дека тоа не го разбираат ниту нашите сојузници преку барата. Тоа што е важно за нас и нашиот национален интерес: решението да го бараме со Бугарите. Северна Македонија да го бара решението преку активен дијалог и разговор. За нас нема друго. Во спротивно, влегуваме во пекол од кој нема излегување надвор. Влегуваме во пеколот „за другиот“, и ако на тоа ставиме кинески sид, немам сомнеж дека тоа ќе биде за нас пекол во најчиста форма.
Личен став на Авторот. Дозволено е преземање на текстот според лиценцата Creative Commons 4.0.