Воспитанието и образованието се важни предуслови за градење здрави личности, кои решението на проблемите го наоѓаат по мирен пат. Токму вие како нивни наставници, покрај семејствата, играте важна улога во трасирањето и издигнувањето на учениците, кои во иднина секој конфликт треба да го решат со вербална, а не со физичка комуникација.
Ова го истакна заменик-министерот за образование и наука Лулзим Алиу, на Втората мировна средба, која е организирана од страна на Првата детска амбасада „Меѓаши“.
Понекогаш не е доволно само да се преземат педагошки мерки за учениците, кои мирното решавање на проблемот, го замениле со насилство, туку треба да се примени и психологијата и да почнеме да размислуваме и малку поинаку. Со овие обуки, очекуваме да имаме се помалку насилство во училиштето, но и надвор од него, да им дадеме како наставници елан на младите дека за секој проблем, има и решение, ако истото го бараме по мирен пат, рече Алиу, додавајќи дека заедничка обврска е да се превенира, да се преземе акција уште на самиот почеток, пред да се соочиме со немили сцени во училиштата.
Мирното решавање на конфликтите, додаде тој, е предуслов за развој на здрава средина во која сите учесници во образовниот систем ќе соработуваат без оглед на нивната социјална или етничка припадност.
Верувам дека вие како учесници на оваа обука и покрај долгогодишното искуство во полето на образованието и воспитанието, ќе успеете да допрете до учениците, да ги мотивирате учениците за прашања од областа на комуникацијата и ненасилната разработка на конфликти, за процесите на донесување на одлуки, активно граѓанско учество, како и да се иницирате различни активности преку кои учениците од различни општествени, верски и етнички заедници да соработуваат помеѓу себе, да бидат охрабрени за активен став во нивната средина, без насилство и со свесност за бројните видови неправди, дискриминации и насилства, кои се важни за градење активен мир, граѓанско организирање и ненасилно однесување, изјави заменик министерот Лулзим Алиу./МИА/






