пишува: НЕНАД ЈОВАНОВИЌ
Има луѓе кои треба да се под адекватен стручен надзор, коректно згрижени од институциите на системот, со точна терапија, тогаш не би имало проблеми. Проблемите настануваат кога не е така, кога оние кои не можат да се контролираат себе, почнуваат да ги контролираат другите.
А земја во која се молиш да го преживееш денот без повреди и слични лудила, а притоа благодарен си некој да не ти ја скапе тимбата, таква земја е длабоко несреќна земја. Во земја која одредени персони создаваат клима на несигурност, неизвесност, тоа не е земја, туку „штур идеологем“ преполн со замисливи и незамисливи национализми, конспирации и теории на хаосот.
Добро, доста беше со „теоретско филозофирање“, да одиме на конкретно. Мицкоски Христијан, човек што ни се претставува помпезоно во јавноста за „лидер“, синоќа на протестот ни вели: „ова е човек што ‘требаше’ (?) да ме убие“, за веднаш потоа убиецот да биде сликан и закачен на фејсбук профилот на нашиот „лидер“. Оттаму, од профилот, Мицкоски вреска по Оливер Спасовски: „спасимеее, ќе ме убијат“. Па, чекај, нели народот е со него, каков сега Оливер, МВР, институции… Па нели нема институции, нели нема држава, нели е се тоа жива катастрофа, испразнета суштина…?
Се разбира: сите десничари имаат „вишок на драма“ во себе кога се работи за нивниот задник. Од такви конспирации тие печалат и живеат во политиката. Затоа популистите најлесно се берат до врвот на политиката, таа сива зона на пари, моќ и хистерии.
Да бидам крајно отворен: против сум било какво насилство. Не сакам да му се случи ништо лошо на Мицкоски, не му посакувам никакво лично зло, дури и тогаш кога го гледам кајшто е опак и злобен; дури не му посакувам зло и кога се однесува самобендисано и нарцисоидно: не, не сакам ништо лошо да му се случи на нашиот лидерчиќ, дури му посакувам и се најдобро во животот и „жарнот“, оној десен, нели.
Но, пријатели, тука има еден детаљ – а детаљ по детаљ – може да доведе до големо срање, а може да се случи и катастрофа. Катастрофа и по неговата скршена глава, а богами и по главите на комплетно невини, оние сосема обични луѓе.
Имено, од каде извира потребата на Мицкоски да ги хушка масите? Не знам (а, во суштина знам), ама тоа не е важно. Важно е дека неговото простачко и социопатско хушкање, секогаш се повторува кога масата ќе намириса „месо за власт“. За власт, пријатели, маса не разбира финеси, детаљи и рефлексии. Таа разбира крв и чувство дека може да биде власт. Нема тука подлабок супститут. Чиста и гола волја за моќ и власт. Иако, реално, не би знаеле што со неа, ама тоа е сосема друго прашање за некој следен текст.
И уште, пазете ве молам, не убедува Мицкоски, со години, а посебно последните месеци и денови, дека ние сите мора да бидеме негова „вербална жртва“ на неговите мајмунски реторики, па уште сме требале и да ги прифатиме.
Од друга страна, немам сомнеж дека Мицкоски не е расположен за Албанците, не како што глупаво приметува Александар Николовски во неговата изјава: „ние сме за сите граѓани, вклучително и за Албанците“, за, пак, во протестите – ах, таа убава и безмилосна пракса – „вмроовците“ Бујар Османи го испишуваат на слогани – „Оди си од тука, о, ти, Бугар Османи“. Ридикулите на Мицкоски фантастичниот министер Бујар Османи го нарекуваат „Бугар Османи“.
Знаете што? Опозиционерот Мицкоски е огледало на ова општество, односно, Мицкоски денес е огледалото на општеството кое ќе биде утре. Како што денес протестираат, така утре ќе владеат. Затоа не треба да се чудиме кога неговите локални јајчари од пониските ешалони, оние така типични силеџии од „нашиот сокак“, во нивните расистички ламентирања велат: „а, брате, после, брате, дојдоа некои кукавици и пичкици да го провоцираат, а тој, нашиот јунак, и витез, и војвода, и комита, ги набамбури, брат, ги набрка, братеееее“.
Ваквите, пак, идиотштини, последните денови ги следат полутаблоидите и останатите квазимедиумски пералници на мозоци, пумпајќи го егото на нашиот комита Мицкоски, кој ако се „наапа“, може сите да не направи парампарче. Налутете го, братееее, па ќе видитееееее…
Мицкоски, драги луѓе, е жива комедија, супер јунак на стрипови од трета класа, и наместо да се засрами што неговите будалаштини можат некого глава да чинат, тој продолжува така глупаво и празно.
За 4-5 дена протестирања, билансот е: преку 50 сериозно повредени полицајци кои се распоредени да го чуваат јавниот ред, мир и безбедност на граѓаните. И, што ти, ни препорачуваш, море, Јовановиќу, кога веќе, секогаш нешто ни мудруваш?
Му порачувам на Мицкоски да порасне. А за да порасне во политика, ќе мора да вложи малку труд и напор. И да покаже дека е разумен и нормален, тоа ѝ го должи на земјата по која гази и протестира.