На 31-ви Август, по повод јубилејното издание на фестивалот Прво па женско, во МКЦ ќе се одржи концерт во чиј фокус се жени кантавторки Јоана Ристеска, Марија Каева, Сара Ренар и Теа Шалдева/Galatheia.
Јоана Ристеска е соло-артистка и инструменталистка од Скопје. Изведува и компонира музика за акустична и електрична гитара и со аналогни техники ја истражува можноста за експанзија на гитарскиот звук кон слоевит, оркестарски контекст.
Марија Каева е вокална солистка, музичарка и текстописец, како и радио водител со петнаесет годишно искуство. Низ долг период од 20 години Марија спорадично ја збогатува македонската поп архива со нумери на кои тешко им се заборава рефренот.
Сара Ренар доаѓа од Загреб и нејзиниот музички стил најсоодветно се опишува како експериментално-инди-поп мешање на мелодии со електронски и театрални елементи.
Теа Шалдева / Galatheia добро позната скопска стотројкашка на која музиката и е единствена постојана страст која ја води на патот до сеопфатно дејствување во тој свет.
ППЖ оваа година потсетува на родовиот јаз на музичката сцена, но пред сè и дава можност на публиката да чуе меланхоличните мелодии на емотивниот и политички разум кои ранливо се принесуваат до потсвеста на слушателите.
Розовата бука никогаш не била поавтентична!, нагласуваат организаторите.