Пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
„Нормализацијата на односите меѓу, од Русија поддржуваната Србија и Црна Гора, би била проблематична за Вашингтон, бидејќи тогаш би го изгубиле упориштето во балканскиот регион, што дополнително би му наштетило на и онака намаленото присуство на НАТО во Јадранското Море“ – пренесува црногорскиот интернет медиум АнтенаМ текст од ТФИ Глобал, индиски интернет медиум со проруска уредувачка политика.
Ете една трансконтинентална густа каша од медиумски прилог.
Ништо особено, ќе речете, ова е свет на глобални комуникации, сите се вклучени. Тоа е точно. Глобалните комуникации овозможуваат глобализирање на вестите, но и на пропагандата. Во овој случај се работи за пропаганда, и тоа со низок квалитет.
Насловот во АнтенаМ сѐ си кажува: „НАТО дал зелено светло за рушење на просрпската влада на Абазовиќ“. Насловот во индискиот оригинал ТФИ Глобал е: „Со сеење раздор меѓу Црна Гора и Србија, НАТО повторно го турна Балканот во превирања.“
Ова не е никакво чудо. Просрпски медиум пренесува индиски проруски медиум со тврдење дека НАТО срушило просрпска влада. Уште еден прилог кон бескрајното лелекање за тоа колку Западот е лош и управува со волјата на малите и „наивни“ народи. А во тие земји секогаш има доволно прозападни „предавници“ да ја отфрлат мајка Русија и нејзините балкански миленичиња (со 50:1 гласови во 81-члениот парламент). „Западот е лош и сака да освојува, Русија е добра и мирољубива!“ – тоа е прикаската отприлика.
Но тоа што е посебно смешно и исто толку погрешно во овој „индиски“ филм со руски акцент, е тврдењето дека НАТО има сѐ помало присуство на Јадранот.
Далеку е Индија од Адријатикот…
Шест држави се на бреговите на Јадранско Море. Од тие шест држави, пет се во НАТО. БиХ не е членка на НАТО, но нејзиниот брег е со должина од 20 км (неколку зрна песок, би рекол некој). НАТО одржа уште една гигантска воена вежба во Медитеранот што заврши на 11 август, каде што беше вклучен и Јадранот.
Но тоа не се гледа од Индија. А кога е руската пропаганда во прашање, тоа ни за балканските медиумски (пропагандни) мрцини е невидливо.
Текстот е личен став на Авторот. Дозволено е преземање според лиценцата Creative Commons 4.0.