Италијанската полиција уапсила албански државјанин откако биле пронајдени и запленети повеќе од 40 килограми чист кокаин, чија вредност на пазарот достигнува 10 милиони евра, објави Топ чанел.
Полицијата при рутинска контрола го запрела автомобилот марка “голф” управуван од 30-годишниот Албанец, чиј идентитет не се наведува. При претресот на автомобилот била пронајдена кеса со еден килограм кокаин, а потоа бил извршен претрес и неговата куќа каде се откриени уште 40 килограми кокаин и пиштол со целосно потребна муниција, наведува телевизијата.
Во куќата, што се користела како лабораторија и магацин, полицијата пронашла поголема сума пари за кои основано се сомнева дека се од продажба на кокаин.
Од првичната истрага се покажало дека притворениот албански државјанин бил баран од Гвардија ди финанца од градот Бреша.
Уапсениот бил притворен во затворот Монтакуто, а дрогата, парите, оружјето и другата муниција пронајдени при претресот се запленети.