Падот на притисокот во гасоводот Северен поток 1, кој спроведува гас од Русија во Европа, е забележан само неколку часа откако беше пријавено истекување од гасоводот Северен поток 2 во Балтичко Море во близина на Данска, соопшти германското Министерство за економија.
Данските и шведските власти денеска соопштија дека на две места во Балтичкото Море е откриено истекувања на гасоводот Северен поток 1.
Властите сега се информирани дека постојат уште две истекувања на гасоводот Северен поток 1, кој исто така не работи, но содржи гас, се вели во соопштението на данското Министерство за клима и енергија. Како што се наведува, подигнато е нивото на надзор на тие гасоводи.
Ограничена е и пловидбата во радиус од пет наутички милји.
Двата гасовода спроведуваат гас од Русија до Европа.
Гасоводот „Северен поток 2“ е завршен, но никогаш не беше пуштен во употреба, додека „Северен поток 1“ транспортираше гас во Германија до почетокот на овој месец кога руски „Газпром“ го прекина доставувањето, наведувајќи ја потребата од итен ремонт на клучните делови.
Станува збор за две локации кои се многу блиску една до друга.
Шведскиот сеизмолошки центар пријави подводни експлозии во областа на истекувањето на Северен поток, пренесуваат медиумите.
Две силни подводни експлозии се регистрирани во областа на истекување на гас од гасоводите Северен поток 1 и Северен поток 2, објави на Твитер Карл Фрид Клеберг, новинар на еден шведски телевизиски канал, повикувајќи се на локалните сеизмолози.
Тој објасни дека инцидентот се случил вчера.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, не ја исклучи можноста дека оштетувањето на гасоводите „Северен поток 1“ и „Северен поток 2“ е резултат на саботажа.
Сега не можеме да отфрлиме ниедна опција. Очевидно е дека се работи за некакво оштетување на цевката и не можеме да исклучиме ниту една единствена можност пред да ги добиеме резултатите од истражувањето што е причината, одговори Песков на новинарско прашање дали можеби саботажа го предизвикала истекувањето на гас.
Компанијата Норд Стрим АГ, оператор на гасната мрежа, претходно денеска објави дека три морски линии на гасоводниот систем Северен поток претрпеле оштетувања „без преседан“ за само еден ден.
Според експертите на Групата Евроазија, сомнителните истекувања пријавени на гасоводите претставуваат „сериозна опасност за безбедноста и животната средина“.
Ова е особено неизвесно бидејќи е невозможно да се процени кога ќе се обнови оперативната способност на системот за гасоводна мрежа.
Данските и шведските власти прогласија забранета зона за испорака околу локацијата на истекување во своите поморски зони, додека Данска го зголеми нивото на тревога за електрична енергија и гас.
Директорот за енергија, клима и ресурси Хенинг Глојстејн истакна дека иако германските и данските власти соопштија дека причината за истекувањето е непозната, „непланирани истекувања во подводните гасоводи се ретки, бидејќи тие се дизајнирани да спречат случајни оштетувања“.
Leak discovered in the Nord Stream 2 pipeline by Danish authorities off the south east coast of Bornholm today.
Coordinates for the leak estimated at 54.876667, 15.410000https://t.co/Wo65mBy1EK pic.twitter.com/qUdlSBkrUJ
— Oliver Alexander (@OAlexanderDK) September 26, 2022
Неколку извори во ЕУ сметаат дека најверојатно станува збор за саботажа. Ниту еден од гасоводите не испорачувал комерцијален гас во моментот на истекувањето, но имајќи предвид дека и двете линии сè уште биле под притисок и секоја има капацитет да испорача околу 165 милиони кубни метри тежок метан дневно“, велат тие, додавајќи дека „ова истекување претставува сериозна безбедносна и еколошка закана, особено ако Русија не престане да пумпа гас во системот“.
Најновиот извештај за истекување ја прави уште помала веројатноста дека снабдувањето на Европа со гас ќе продолжи пред зимата, велат аналитичарите.
Во зависност од степенот на штетата, истекувањето може да значи и трајно затворање на двете линии, велат од Групата Евроазија.
Шведската полиција објави дека покренала прелиминарна истрага за можна саботажа во врска со истекувањето на гасот од „Северен поток 1“ во Балтичкото Море.
Направивме извештај и класификацијата на овој чин е тешка саботажа, изјави портпарол на националната полиција, пренесе Ројтерс.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен истакна дека ако истекувањето на гасоводот „Северен поток“ било предизвикано од саботажа, „тоа очевидно не е во ничиј интерес“.
Тој на денешната прес-конференција во Стејт департментот нагласи дека причината за истекувањето на гас е под истрага.
Данската премиерка Мете Фредериксен денеска изјави дека не ја исклучува можноста оштетувањето на гасоводите „Северен поток 1“ и „Северен поток 2“ да е резултат на саботажа.
Тешко е да се замисли дека ова е случајност. Не можеме да ја исклучиме саботажата, но рано е да се носат заклучоци, изјави Фредериксен во Полска, каде присуствуваше на отворањето на гасоводот што ќе ја поврзува норвешката гасоводна мрежа со Полска.
Германски безбедносен претставник, кој побарал да остане анонимен затоа што во тек е истрага за оштетувањата на гасоводите, исто така рече дека земјата се сомнева оти тоа е резултат на саботажа.
Доказите укажуваат на насилен чин, а не на технички проблем, истакна тој, според Блумберг.
Според него, истрагата на германските, данските и шведските власти е тешка бидејќи локациите се под вода во Балтичкото Море, додавајќи дека можеби ќе биде потребна подморница.
Извор: ЦивилМедиа