Пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
Осудата на ѕверското, одмаздничко и злосторничко дивеење на руската воена машинерија е обврска на секој човек кој знае што е човечко достоинство, емпатија и солидарност.
Злосторничкиот поход на Русија против Украина е неморален и нечовечен чин. Оваа војна ги содржи сите зла и сиот апсурд на современиот свет, но и многу повеќе од тоа. Се работи за војна меѓу мрачното минато и иднината, самиот опстанок на светот. Ова не е регионална војна, туку светска војна во која агресор е држава со диктаторски режим. Таа држава е нуклеарна сила и членка на Советот на безбедноста на ОН. Самите темели на светскиот поредок и на човечката цивилизација се разнишани од корен.
Русија нападна независна и суверена соседна држава врз основа на тешки лаги и негирање со што се обиде да ја оправда својата намера да изврши геноцид пред очите на целиот свет. Да уништи цела една нација и да му се закани на светот со целосно уништување, ако тоа не ѝ биде дозволено. Изврши брутален погром врз цивилното население во окупираните области, обидувајќи се да го скрие зад димната завеса на својата бесрамна пропаганда. Откако доживеа тежок и понижувачки пораз на фронтот, а воената машинерија ѝ се распаѓа пред јуришот на храбрите Украинки и Украинци, се одмаздува со безумно бомбардирање на цивилни цели низ целата земја.
Заземањето на „руската страна“ во оваа војна не е вистинска поддршка на Русија. Тоа е поддршка за еден злосторнички режим на чие чело повеќе од 20 години е воен злосторник и криминалец – Путин. Тоа нема врска со Русија.
Секој човек, особено оној што ја сака Русија, има морална и човечка обврска да ја осуди агресијата на Путин. Со тоа ќе ги осуди присвојувањето територии на соседна земја, уништувањето на цивилни цели, убивањето, торутурата и силувањето на недолжни цивили, меѓу кои и жени и деца.
Ако Русија некогаш сака да ѝ се врати на човечката цивилизација, мора да го урне режимот и злосторничкиот ум што завладеал во тоа општество. Мора да ги земе на одговорност сите злосторници, почнувајќи од првиот до последниот. Русите и русофилите мораат да покажат и да докажат дека Русија и Путиновиот режим се две различни работи. Тој што се обидува да го оправда ѕверството на руската агресорска машинерија е, едноставно, соучесник во злосторството. Точка.
Политичари, јавни личности, креатори на јавното мислење, медиумски работнички и работници, граѓански активисти, луѓе во бизнисот, сите што имаат било какво влијание или моќ на одлучување на било кое ниво – имаат посебна обврска да бидат предводници во осудата на агресијата и да ја покажат својата човечност и солидарност со Украина. Секој може да помогне. За почеток, потребно е само да симне превезот на пропагандата.
Самата осумгодишна окупација на дел од Украина веќе нанесе огромни човечка и материјална штета. Разурнувачката и злосторничка агресија од 24 февруари наваму предизвика разурнувања и трагедии чии последици ќе се чувствуваат со генерации.
Чукнете си ја главата. Во Украина се води војна за слобода и мир на слободниот свет. Секое дете што гине под крволочниот оган на руската агресорска машинерија е дете на Европа, на светот. Ако светот не застане рамо до рамо со Украина денес, злосторниците ќе дојдат на прагот на сите други утре.