Извештајот на Европската комисија за нас е јасна верификација дека сме на добар пат и уште појасна насока каде треба да чекориме, а чекорењето единствено е можно забрзано кон европскиот пат. Има многу работи коишто треба да ги поправиме. Не е доволно само да се направи закон, да се изгласа закон, туку тој закон треба да се спроведе. Затоа ги повикувам сите институции, особено институциите коишто се во делот на владеењето на правото, што се во делот на борбата и справувањето со криминалот и корупцијата да ги засукаат ракавите и со забрзано темпо да работат на спроведување на се она што е нотирано во Извештајот. Да престанат блокадите, да се обединиме државнички и до 2030 година да ја видиме Северна Македонија како рамноправна членка на ЕУ
Ова го изјави премиерот Димитар Ковачевски во своето обраќање на настанот посветен на Извештајот на ЕК: „На Европскиот пат: нови реформи, нови можности”, во организација на Секретаријатот за европски прашања.
Овој Извештај, како ниту еден до сега, праќа многу јасни пораки. Првата порака е дека во нашата држава постојат два концепти. Едниот концепт е оној на чие чело што сум јас. Тоа е концептот што го застапувам и велам дека македонските граѓани, со крената глава, со дигнитет треба да чекорат кон ЕУ и да седат на големата маса во Брисел. Вториот концепт што е нотиран во овој Извештај, е концептот на блокади, концептот на седење на мала изолирана маса како што седевме 11 години во минатото, а притоа на народот да му велат дека ќе биде горд, сам изолиран на мала маса тука во Македонија. Тоа е разликата меѓу овие два концепти, оцени Ковачевски.
Ковачевски рече дека за 12 месеци ќе имаме нов извештај, но тој, извештај, како што посочи, нема да биде само едностран опис на тоа што ние правиме, туку тоа ќе биде резултат на скрининг процесот што во моментов се одвива.
Вчера имав гостин од странство, висока делегација. Ми кажа една реченица, конечно ЕУ ве награди со почеток на преговори во јули оваа година. Јас и кажав, би ја парафразирал вашата реченица. Ние сме тие коишто го спасивме образот на ЕУ, тука, затоа што како ниедна држава требаше да донесеме одлуки што беа тешки и коишто предизвикуваа лоши чувства кај нашите граѓани. И јас ги делам тие чувства. Прво, ние сме единствена држава која што за да пристапи кон ЕУ и пред тоа НАТО, требаше да го смени името на својата држава. Второ, јас бев од делот на преговорите со Бугарија. Тие преговори, за мене, и за граѓаните на оваа држава предизвикуваа чувство, јас го имав тоа чувство и го делам чувството на граѓаните, како некој со нож да ви го сече стомакот, истакна Ковачевски.
Но, на крајот на денот, додаде премиерот, треба да донесете одлука, дали државата ќе оди во ЕУ, таму каде што има економски напредок, таму каде што има социјална правда, и таму каде што има владеење на демократијата или ќе седите дома, сами изолирани, раскарани со сите.
И ја донесов таа одлука. Зошто. Затоа што тие коишто беа против, тие коишто беа воздржани, не дадоа алтернатива. Која е алтернативата, кој животен стандард го нудат, каква иднина на новите генерации нудат. Никој не понуди таква алтернатива. Да морам пак да ја носам одлуката, пак ќе ја донесам истата одлука. И пак ќе ја донесам со истото чувство, ама нема да ја носам ради себе, туку ќе ја донесам заради идните генерации во ова држава коишто заслужуваат и треба да раснат во ЕУ, заедно со сите други членки на овој сојуз, рече Ковачевски.
Според него, извештајот исто така нотира многу јасно дека во оваа држава има концепти од друг аспект.
Еден концепт на чие чело сум јас, што предлага реформски закони, што предлага мерки за заштита на стандардот на граѓаните, што деноноќно работи на обезбедување на енергија, топлинска енергија, ресурси за производство на енергија. Втор концепт, со тоа што ги блокира две години сите закони во Собранието. Ако можам да го разберам еден дел од таа опозиција која што цел ден е на телефон со Русија, вториот дел не можам да го разберам. И затоа ги повикувам сите во Собранието, да се обединиме заради иднината на оваа држава. Затоа што од нас што сме во пратеничките клупи, што сме во канцелариите во Владата, зависи колку брзо ќе се спроведат реформите, истакна Ковачевски.
Премиерот изрази уверување дека до 2030 година нашата држава може да стане членка на ЕУ, бидејќи досега 45 проценти од европското законодавство е усогласено со нашето, при што повика на обединување со цел, како што рече, сите до 2030 година да ја видиме Северна Македонија како рамноправна членка на ЕУ.
Имаме тимови, стручњаци коишто со години се во министерствата, кои знаат што треба да направат во делот на усогласување во законодавството. И не рековме дека сме најпаметни. Го зедовме најискусниот преговарач којшто постоеше во овој регион, главниот преговарач на Хрватска којшто беше и постојан претставник на Хрватска во ЕУ, којшто беше и советник на нивниот премиер, сега е главен советник на нашиот главен преговарач. Ако сакате да играте во големата лига, тогаш мора да имате играчи од големата лига во вашиот тим. И затоа без никаква самоувереност кажавме да, ќе земеме експерти коишто доаѓаат од наши пријателски држави, оцени Ковачевски.
Премиерот оцени дека не може политичка агенда да биде кочење на иднината на сопствената држава, додавајќи дека политичка агенда може да биде економска политика, политика на даноци, политика на плати, социјална политика, ама не може да биде политика на кочење на иднината на својата држава.
Во рамки на настанот се одржува панел-дискусија „Со сите капацитети до европски стандарди – институции кои испорачуваат за граѓаните“, а како панелисти говореа вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, шефот на дипломатијата Бујар Османи, заменик-министерот за финансии Филип Николовски, претседателката на граѓанската организација ЕСТИМА – Здружение за развој на стратегии, истражување, едукација и промоција на меѓународни вредности, Ана Крстиновска и Андреја Стојковски, директор на „Преспа институт“.