Бројот на напади на банкомати во Европа драстично се зголемува, утврди Европол, пренесува германската новинска агенција ДПА.
Видовите на експлозиви што се употребуваат за нападите се исто така сè помоќни и поопасни, изјави портпаролката на Европол, Клер Жорж.
Сè почесто се користат исклучително моќни експлозиви, предизвикувајќи дури и уривање на згради и убивање на невини луѓе, истакна Жорж.
Таа нагласи дека полицијата го идентификувала овој растечки тренд во многу европски држави, вклучително во Германија, јужна Европа и балтичките земји.
Нападите се извршени од криминални банди кои се специјализирани за такви експлозии и дејствуваат на меѓународно ниво, објасни портпаролката на Европол.
Германската полиција минатата година регистрирала 287 напади на банкомати. Се очекува годинава да има повеќе.
До септември холандската полиција забележала ист број напади на банкомати како и целата претходна година и покрај намалувањето на бројот на апарати.