Пораките со лажните пријави за бомби во скопските средни училишта се пуштени од надвор од државата, изјави вечерва министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Имаме сериозни индиции за тоа како се одвива целиот тој процес и во тој дел работиме максимално посветено, со помош на нашите партнери, со цел да ги прекинеме овие монструозни чинови кои предизвикуваат вознемиреност кај граѓаните, истакна Спасовски на гостувањето во дневникот на „Сител“.
Тој потенцираше дека сите капацитети на безбедносните служби, од почетокот на мандатот на ова раководство на МВР, се посветени кон сериозна заштита на граѓаните во сите сегменти, меѓу кои и во кибер безбедноста.
Знаете дека имаше обиди за напади врз институциите, хакерски напади врз неколку институции во државата. Дури и при спроведувањето на пописот имаше сериозен хакерски напад на целиот систем којшто практично работеше во делот на спроведување на пописот, на неколку од министерствата итн. Тоа покажува само колку е потребно во делот на кибер безбедноста да се преземат сите мерки и таа кибер безбедност да ја зголемуваме преку јакнење на капацитетите материјално-технички, меѓутоа и на човечките ресурси, додаде Спасовски.
Три дена во текот на изминатава недела имаше лажни пријави за поставени експлозивни направи во неколку средни училишта во Скопје по што учениците беа евакуирани и се вршеа детални проверки од страна на екипите на МВР.