Пет лица се убиени синоќа во ноќен геј клуб во Колорадо Спрингс, Колорадо, соопшти полицијата. Уште 18 лица се повредени во масовното пукање во Клубот Кју, јави Си Ен Ен.
Внатре е пронајдено едно лице за кое веруваме дека е напаѓачот. Во овој момент осомничениот е на лекување, но е во притвор, изјави поручник Памела Кастро од полицијата во Колорадо Спрингс.
Кастро не појасни дали осомничениот е меѓу оние кои биле повредени во нападот.
Полицијата не соопшти за можниот мотив за инцидентот. Единаесет возила на брза помош пристигнале на местото на настанот откако биле примени повеќе повици од 911.
Ќе бидеме тука уште многу, многу часови, истакна Кастро.
Во соопштението на социјалните мрежи, Клубот Кју напиша дека е „уништен од бесмислениот напад врз нашата заедница“ и им изрази сочувство на семејствата на жртвите.
Им благодариме за брзите реакции на херојските посетители кои го совладаа напаѓачот и го спречија овој напад на омраза да биде уште помасовен, се вели во соопштението.