Претстојното претседавање на Северна Македонија со Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) во текот на 2023 година беше во фокусот на денешната средба на министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска со новоименуваниот шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Килиан Вахл.
Како што соопшти МНР, Османи изрази задоволство од назначувањето на амбасадорот Вахл за шеф на Мисијата на ОБСЕ, како експерт со практично искуство во прашањата за Југоисточна Европа и Западен Балкан.
Шефот на дипломатијата нагласи и дека го цени фактот што Вахл доаѓа од Германија, земја постојан поддржувач на Северна Македонија и истакнат геополитички актер и важна членка на ОБСЕ.
– Соговорниците се осврнаа на претстојното претседавање на Северна Македонија со ОБСЕ 2023, при што амбасадор Вахл упати отворена поддршка во текот на претседавањето, особено напомнувајќи дека претседавањето со ОБСЕ во 2023 година ќе биде тешка и предизвикувачка задача, пред се поради отворената агресија на земја-учесничка и другите актуелни случувања во регионот на ОБСЕ, се наведува во соопштението од МНР.
Министерот Османи меѓу другото истакна дека наша цел е засилен допир и интеракција со теренските мисии на ОБСЕ, со цел воспоставување синергија помеѓу приоритетите на претседавањето и оние на теренските мисии.