По серијата неуспеси на руските војници на бојното поле, Москва е сè позагрижена дека Украина би можела да започне офанзива на Крим. Рускиот пратеник Андреј Гуруљов во неделата го повика Кремљ да го утврди нивото на ризик од напад на Украина и НАТО на Крим. Русија незаконски го анектираше Крим во 2014 година и оттогаш областа е под руска окупација, пишува хрватски Јутарњи.
Во обид да ги ублажи стравувањата од потенцијален напад на јужниот украински полуостров, шефот на Комитетот за одбрана и безбедност на Советот на Руската Федерација, Виктор Бондарев, во понеделникот изјави дека Украина нема моќ да го врати Крим.
„Украина нема ниту ресурси, ниту воена сила, ниту поддршка од народот на Крим за офанзива на полуостровот. „Крим е наш“ не е само слоган и хаштаг. Тоа е непоколеблива реалност“, рече Бондарев.
Сепак, истиот ден се појави информација дека Русија подготвува тајно регрутирање војници на Крим. Според извештајот на Генералштабот на вооружените сили на Украина, во текот на викендот администрацијата на Крим, инсталирана од Кремљ, разговарала за слабостите и недостатоците на „делумната мобилизација“. Тие одлучија да почнат да испраќаат повици за воен рок до мажите кои живеат на Крим.
„На привремено окупираната територија на Автономната Република Крим, во тек е тајна мобилизација во редовите на руските окупаторски сили“, соопшти Генералштабот на вооружените сили на Украина.
Во исто време, во страв од украинската офанзива, побогатите веќе почна да бега од полуостровот. Некои граѓани бегаат во соседната руска провинција Краснодар за да избегнат мобилизација.
„Постои тренд на бегство и можеме да заклучиме дека тоа е поради страв и паника дека украинските вооружени сили ќе го ослободат Крим во блиска иднина“, објаснува Емил Ибрагимов, раководител на образовната платформа Q-Hub.
Бегството на цивили од Крим покажува дека Москва повеќе не може да ги убедува жителите со наративот дека на полуостровот ќе владее мир.
Руските функционери се повеќе се сомневаат во судот и воените планови на рускиот претседател Владимир Путин. Контраофанзивите на украинските сили низ целата земја ја принудија Русија да се повлече од неколку клучни градови што ги освои за време на конфликтот на почетокот на оваа година. На почетокот на ноември, руските трупи го напуштија Херсон, градот кој беше последното упориште на Русија западно од реката Днепар. Херсон се наоѓа северно од Крим, а поразот во регионот на Херсон претставува голема пречка за сонот на Путин да создаде копнен мост од Русија до Крим и понатамошни упади на украинска територија.
Охрабрени од победите, Украинците почнаа поотворено да зборуваат за враќањето на Крим. Советничката на Володимир Зеленски за Крим, Тамила Ташева, во интервју за „Дејли бист“ изјави дека Украина би можела да го врати Крим до пролет или летото следната година, иако таа смета дека тоа би можело да се случи порано. Украинскиот заменик-министер за одбрана Володимир Хаврилов во изјави за Sky News предвидува дека украинските сили би можеле да бидат на Крим до крајот на оваа година.
Подготви: Ј. Ѓ.