Руската државна компанија за гас „Газпром“ вечерва се закани дека би можела да го прекине снабдувањето со гас во Европа веќе следната недела, пренесува Бизнис инсајдер. Во соопштението Газпром го обвинува Киев дека ја попречува испораката на 52,52 милиони кубни метри гас наменет за Молдавија.
Количеството на гас обезбедено од Газпром за транзит кон Молдавија преку Украина е поголемо од физичката количина што ја премина границата на Украина и Молдавија, објави Газпром во соопштението, додавајќи дека „од понеделник, 28 ноември, ќе започне со намалување на снабдување со гас доколку продолжи транзитниот дисбаланс на гас низ Украина за купувачите во Молдавија”.
За потсетување, украинскиот гасовод е последниот преостанат гасовод преку кој рускиот гас сè уште стигнува до Западна Европа, откако Газпром го прекина снабдувањето преку гасоводот Северен поток 1.
Украина негираше дека ја блокирала испораката на гас, велејќи дека целиот договорен гас до Молдавија бил уредно пренесен.