Естонија, членка на НАТО, го потпиша најголемиот договор за оружје во својата историја, набавувајќи шест напредни системи за лансирање ракети од САД. Оваа балтичка држава, која граничи со Русија, вчера ја финализираше зделка вредна повеќе од 200 милиони долари, соопшти денеска Естонскиот центар за инвестирање во одбраната.
Испораката на првиот високомобилен артилериско-ракетен систем (HIMARS) е планирана за 2024 година, а договорот вклучува и ракети со дострел до 300 километри. Руската инвазија врз Украина се смета во Естонија како закана за националната безбедност, што ја натера Владата да ги зголеми воените трошоци во следните четири години на 2,5 отсто од нејзиниот бруто домашен производ (БДП) со цел да ги модернизира своите вооружени сили.
И останатите две балтички држави, Летонија и Литванија, имаат намера да купат ракетни системи HIMARS. САД претходно ја снабдуваа Украина со овие системи.