„Пред една година и два месеца, ВМРО-ДПМНЕ ја предложи Данела Арсовска за градоначалничка и славеше пред Белата палата. Не победивте само на изборите за градоначалник, туку го освивте и Советот, а со тоа и надзорните и управните одбори на јавните претпријатија“ рече претседателот на градската организација на СДСМ Скопје, Васко Кичевски во дебатата со советникот од ВМРО-ДПМНЕ, Стефан Андоновски на „Клик плус“ на ТВ21.
Кичевски му порача на Андоновски дека доколку не знаат како да раководат со институциите, тогаш крајно време е да ги повлечат своите кандидати од управните и надзорните одбори и да дозволат некој друг да раководи.
„Кога имате управни и надзорни одбори и имате сомнеж за набавка на нафтени деравати на сомнителен тендер, имате право преку надзор одбор да ги побарате документите. Може и да побарате промена поради малверзации“ рече Кичевски.
Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ја добија довербата од граѓаните и за градоначалник и за Совет пред само една година, па токму затоа хаосот што се случува на сите полиња во градот е само нивна одговорност.