Пишува: СОЊА КРАМАРСКА
И денес за медиумски појадок имавме закани со бомби, овој пат на удар се хотелот Александар Палас, аеродромот и салата Борис Трајковски. Веста дојде и помина, а информацијата што ќе ја објави МВР дека бомбите биле лажни, веќе нема да биде толку интересна колку веста за заканите.
Но за полицијата работите веројатно не се толку едноставни. Тимот за откривање на експлозивни средства е постојано буден, нервозата е присутна, затоа што нивна работа не е само да излезат на терен туку и да се изложат на личен ризик. Оти, никогаш не се знае кога бомбата навистина ќе експлодира. А може и да не експлодира. Сеедно, но стравот и неизвесноста се тука.
За среќа, „бомбашот“ засега шегаџија нè остава раат преку викенд. Малку да здивнеме од метеж, евакуации, постојано гледање во телефонот каде ги добиваме најважните вести.
Мислите дека не е еден, туку се повеќемина што учествуваат во тоа? Којзнае, но статистички е неверојатно дека на повеќе луѓе ќе им текне иста идеја во исто време, да пратат лажни закани со бомби.
И најважното прашање, како да го фатат? Ако го прашате гугл, на пример, како да откриете кој стои зад анонимно испратен мејл, веднаш во три чекори ве води до начинот како да дојдете до испраќачот. Поточно до интернет протоколот на уредот од каде е испратен мејлот. Интернет протоколот е еден и единствен за секој уред, и не може да настане грешка. Меѓутоа, во нашиов случај ниту тоа не е едноставно, штом веќе еден месец живееме во психоза на бомби.
Но МВР веќе двапати приведе лица за кои имаше сомневања дека стојат зад заканите со бомби. За волја на вистината, не изгледаа како терористи или престапници кои решиле да си играат со цела држава и државните институции.
Штета што не сме во американски филм. Таму специјалните тимови за половина час упаѓаат во домот на детето кое си поиграло со нив и им влегло во базата на тајни податоци. И кога ќе порасне го вработуваат за да ги искористат неговото знаење и талент.
Можеби и нам ни треба такво дете? Кога веќе возрасните не се снаоѓаат во оваа бесконечна игра на нервите.
Но има и нешто добро. Училиштата, хотелите, трговските центри, спортските сали (а има ли мејл спортската сала Борис Трајковски?) веќе почнаа да отвораат мејлови. И тоа рано наутро. Демек, чекај да видам да не ни стигнала закана со бомба. Ах, не стигнала. Ајде можеби утре. Ауууу стигнала. Вртете во полиција.
Според статистиката на МВР, само во текот на вчерашниот ден, во 49 основни и средни училишта во Скопје и Куманово стигнале информации за поставени бомби. Во Скопје 17 основни и 22 средни училишта добиле закани со бомби, а во Куманово девет основни училишта и едно средно училиште.
Претходно беа на удар Ист гејт мол, Градскиот трговски центар, Министерството за надворешни работи.
А што ќе се случи ако се игнорираат заканите? Можеби ништо. Единствено испраќачот ќе сурфа малку почесто на телефон за да бара дали има вести за неговите закани. Или можеби ќе го притисне копчето? Не знаеме, и тоа е најголемиот проблем околу заканите со бомби.
Извор: НоваТВ