Претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски денеска на Фејсбук објави дека е „шокиран од одлуката на Апелацискиот суд за случајот „Таргет-Тврдина“.
Одлуката е пораз за правната држава и доказ за ниската доверба на граѓаните во правосудните органи. Ваквите одлуки само ја поткопуваат вербата на граѓаните дека се можни вистински реформи во владеењето на правото и борбата против корупцијата, напиша шефот на државата на својот фејсбук-профил.
За потсетување, Апелацискиот суд да ја укина првостепената пресуда за Таргет-Тврдина, откако претходно ја укина и првостепената пресуда за Трезор и предметот го врати на повторно постапување. Во образложението на судот се вели дека „првостепениот суд при постапувањето по овој предмет сторил суштествени повреди на одредбите од Законот за кривичната постапка кои се од апсолутен карактер“.
„Таргет“ беше капиталниот случај заради кој беше формирано СЈО, предмет што се однесуваше на незаконското следење на над 4.000 телефонски броеви без судски наредби, со кое биле опфатени околу 20.000 граѓани. Повторното постапување за овој предмет, според сите досега видени модалитети за одложувања, води кон единствен сигурен исход – негово застарување.