Изјавувајќи дека централната причина за нападот на Капитол на 6 јануари 2021 година е „еден човек“, Комитетот на Претставничкиот дом што го истражува нападот го даде својот последен извештај во четвртокот, објави Њујорк Тајмс.
Извештајот содржи детален опис како претседателот Доналд Џ. Трамп спровел „повеќеслоен план за поништување на претседателските избори во 2020 година“ и понуди препораки за чекори за да се осигура дека ништо слично нема да се случи повторно.
Објавувањето на целосниот извештај беше кулминација на 18-месечната истрага на панелот и дојде три дена откако комисијата во понеделникот гласаше формално да го обвини Трамп за поттикнување бунт, заговор за измама на Соединетите држави, опструкција на акт на Конгресот и други кривични дела казниви според закони на федерално ниво. Иако препораките не ги принудуваат федералните обвинители да преземат какви било мерки, тие испратија моќен сигнал дека Конгресот верува дека поранешниот претседател извршил злосторства.
„Работата на избраниот комитет нагласува дека нашите демократски институции се исто толку силни, колку и посветеноста на оние на кои им е доверена нивната грижа“, напиша спикерот Ненси Пелоси во предговорот на извештајот.
Комитетот веќе го објави извршното резиме на извештајот, адвокатски наратив од 154 страници за немилосрдната желба на Трамп да остане на власт откако ги загуби изборите во 2020 година за седум милиони гласови. Резимето ги идентификува козаговорниците кои му помагале на Трамп, но се вели дека доказите укажуваат на еден јасен заклучок:
„Централната причина на 6 јануари беше еден човек, поранешниот претседател Доналд Трамп“.