Еден од најголемите досега откриени дрвени фараонски саркофази, прошверцуван од Египет и до неодамна изложен во американски музеј, е вратен во Каиро, објави египетскиот министер за надворешни работи Самех Чоукри.
Артефактот, познат и како „зелен саркофаг“, бил направен за погреб на високи достоинственици, изјави Мостафа Вазири, директор на Врховниот совет за антиквитети.
Чукри и Вазири говореа на вчера на прес-конференција во Министерството за надворешни работи.
Долг 2,94 метри и широк 90 сантиметри, саркофагот е наречен „зелен“ поради бојата на релјефната глава, пронајден е во централен Египет и е стар речиси 2.700 години.
Во изминатата деценија, Каиро успеа да врати 29.000 артефакти украдени и препродадени во странство.
Египет во последните неколку месеци соопшти за низа големи откритија, вклучувајќи ја и некрополата во Сакара јужно од Каиро.
Повеќе од 300 саркофази и 150 бронзени статуи беа откриени на локацијата во 2021 и 2022 година, а повеќето се стари над 3.000 години.
Со надеж за обновен туристички бум, Египет исто така смета на овие најнови археолошки откритија, обидувајќи се да се опорави од кризата предизвикана од пандемијата на Ковид.
Туристичкиот сектор во Египет, со два милиони вработени и 10 отсто удел во БДП, не се опорави целосно од продемократските протести на Арапската пролет во 2011 година.
Египетските власти со месеци ветуваат отворање на „Големиот египетски музеј“ во Гиза, но датумот на инаугурацијата се уште не е објавен.
Многумина предвидуваа дека тоа ќе се случи во 2022 година, на 200-годишнината од откривањето на Каменот од Розета, благодарение на што беше дешифрирано писмото на античкиот Египет и стогодишнината од откривањето на гробницата на фараонот – дете Тутанкамон