Вистиномер бележи исполнето ветување на Министерството за култура за забрзано дигитализирање на старите ракописи од Институтот за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“. Севкупната архива на овој Институт е дигитализирана за половина од ветениот рок од две години
Текстот го пренесуваме во целост
Министерството за култура во 2021 година најави забрзан процес на дигитализација на ракописите што се во посед на Институтот за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“, нешто што со крајот на 2022 година беше исполнето:
Министерството за култура и Фондот за иновации и технолошки развој со 14 милиони денари го започнуваат процесот за забрзано дигитализирање, најмногу за две години, со цел да се сочуваат и заштитат јазичните записи кои што имаат историска и научна важност и истите да им бидат достапни на истражувачите во земјата и во странство во современа и во безбедна форма.
[Извор: Влада на РСМ – Прес на Стефоска и Петров (5.50 мин) – датум: 23.08.2021]
Образложение:
Забрзаната дигитализација на старите ракописи кои се во посед на Институтот за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“, со цел да бидат сочувани и во уште еден современ и безбеден формат погоден за употреба, ја најави поранешната министерка за култура, Ирена Стефоска на прес-конференција во август 2021 година.
Притоа, тогашната министерка најави дека проектот ќе треба да биде исполнет најмногу за две години, ветување што е исполнето и предвреме (Прецизно според тендерот беше најавено дека проектот може да трае најмногу 18 месеци).
Станува збор за огромна збирка од 4,5 милиони документи со кои располага Институтот, од кои, некои од документите биле стари и над 500 години. Кога Стефоска на заедничка прес конференција го најави проектот, де факто најави тендер за учество на компании кои имаат таква технологија и искуство во процесот на дигитализација и архивирање на хартиени документи и нивно микрофилмување.
На прес-конференцијата одржана во август 2021 година заедно со тогашниот директор на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) Коста Петров, беше речено дека процесот на забрзана дигитализација е неопходен, затоа што од Министерството за култура (МК) дошле до сознанија дека за цели 9 години до тогаш биле дигитализирани само 140 илјади листови, од околу 5 милиони со кои според тогашната проценка располагал Институтот и дека таа бројка е премала.
Стефоска соопшти дека биле обезбедени 14 милиони денари за 100 отсто финансирање на проектот од кои 5 милиони од МК, а 9 од ФИТР и дека повикот трае до 21 октомври 2021 година. На овој повик победничка компанија била Архивски дата центар – Инбокс, формиран во 2011 година како иновативен модел за архивирање и управување со документи.
Првите документи биле преземени на 30.12.2021 година, а според информацијата што ја објави СДК.мк на 02.01.2023 година, на самиот крај на 2022 година во Институтот се одржало примопредавање на дигитализираните документи. Од информацијата може да се дознае дека севкупниот материјал од 4,5 милиони картотеки бил дигитализиран и спакуван во 14 водоотпорни и огноотпорни кутии. Некои од ракописите биле стари и над 500 години, може да се дознае од разговорот со официјален претставник од компанијата, при што не биле дигитализирани само хартиените документи, туку било извршено микрофилмување на хартиените и дигиталните материјали.
Информацијата што ја објави СДК.мк, беше преземена и од други медиуми. Според овие достапни сознанија, може да се оцени дека ветувањето дадено во форма на изјава од Стефоска на прес конференцијата, дека процесот ќе биде завршен за најмногу две години е, де факто, исполнето предвреме.
Извор: Вистиномер