Министерот за надворешни работи Бујар Османи смета дека критиките на т.н. „Огнена група“ во ДУИ за работата на партиските функционери се „неформални и неверодостојни за коментирање“, односно дека постојат институции, како што е Европската Комисија, која е задолжена за давање најобјективна проценка, пренесе МИА.
Османи одговарајќи на новинарско прашање на денешната заедничка прес-конференција со амбасадорката на САД во земјава, Анџела Агелер, истакна дека секоја критика која не доаѓа од институциите кои се задолжени за објективна проценка на работата на функционерите во државава, е со доза на субјективизам.
– Единствено Европската комисија прави проценка согласно одредени параметри и јас навистина се гордеам со Министерството за надворешни работи во 2022 година, бидејќи единствено надворешната политика ја доби најдобрата оценка, многу добар прогрес односно многу добро унапредување во постигнувањето на целите. Меѓутоа се разбира постојат органи во рамките на државата и во рамките на партиите од кои доаѓаме, така што не би коментирал неформални оценки од кого било. Кога ќе имаме време да работиме ако почнеме да коментираме секакви неформални коментари по однос на нашата работа, додаде Османи.