Шведскиот премиер Улф Кристерсон го осуди денеска протестот на Курдите што се одржа вчера во центарот на Стокхолм, каде демонстрантите на бандера обесија кукла со ликот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, и оцени дека тоа го саботира настојувањето на Шведска да се приклучи во НАТО.
Министерството за надворешни работи на Турција вчера изрази протест до амбасадорот на Шведска, затоа што пред градското собрание во Стокхолм беше обесена кукла. Турските официјални претставници оценија дека тоа е „гнасен чин“ и „терористичка пропаганда“ на поддржувачите на забранетата Курдска работничка партија во Турција.
Турците посочија дека овој случај е спротивен на договорот меѓу Шведска и Финска со Турција, членка на НАТО, од која очекуваат одобрение за нивниот прием во Алијансата, и дека ќе се сузбие делувањето на курдските активисти.
Претседателот на Парламентот на Турција, Мустафа Шентоп ја откажа посетата на шведскиот Риксдаг, која беше закажана за следниот вторник.
Шведскиот премиер Кристерсон денеска го осуди бесењето на куклата со ликот на Ердоган и рече дека е „исклучително сериозно“ да се исценира „лажно погубување на странски демократски избран лидер“ во Шведска, каде претходно беа убиени двајца водечки политичари: премиерот Олоф. Палме во 1986 година и министерката за надворешни работи на Ана Линд во 2003 година.
– Би рекол дека ова е саботажа против апликацијата на Шведска за НАТО. Опасно е за шведската безбедност да се однесува на овој начин, рече тој.
Бесењето на куклата го осуди и шведскиот министер за надворешни работи Тобијас Билсторм кој на Твитер напиша дека Владата „најостро ги отфрла заканите и омразата кон политичките претставници“ и смета дека „симболичната погубување на избраниот претседател на Турција пред Градското собрание е одвратно“.
Група која себеси се нарекува „Шведски комитет за солидарност за Рожава“ соопшти дека стои зад протестот. Рожава е курдски назив за северна и источна Сирија.
Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу рече дека ПКК и сродните курдски групи во Сирија „поставуваат мини на патот на шведското членство во НАТО“ и дека „одлука на Шведска е дали сака да ги исчисти овие мини или свесно ќе стапне врз нив“.