ЏАБИР ДЕРАЛА
Линк до СЦЕНАРИО 1/8 | Линк до СЦЕНАРИО 2/8
На почетокот на летото, 2023 година, како да не се доволни постоечките внатрешни и регионални проблеми, Балканот се соочува со нов силен бран од бегалци.
ТЕШКА И КОМПЛИЦИРАНА БЕЗБЕДНОСНА СОСТОЈБА
Почнувајќи од терористички напади и други безбедносни инциденти, завршувајќи со зачестените насилни судири и престрелки меѓу разни екстремистички групи и инциденти на државните граници, безбедносната ситуација во земјата е тешка и комплицирана. Војската и воените капацитети се таргет на сајбер напади и субверзии. Серија терористички напади дополнително ја усложнува безбедносната ситуација.
Полицијата и другите безбедносни институции прават огромни напори, но просто не успеваат да сигнат секаде, соочени со огромниот број кризни ситуации. Весна Бејби додава уште малку ботокс и објавува серија видео пораки на социјалните мрежи, но веќе никој не може да ја разбере.
ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ: ОПОЗИЦИЈАТА ДА ПРЕСТАНЕ СО СПОНЗОРИРАЊЕ НА ЕКСТРЕМИЗМОТ
Безбедносниот систем е разнишан, а кон тоа, во голема мерка, придонесува опозицијата и низа екстремистички групи кои произлегуваат од милитантните крила на политичките партии. Пред почетокот на летото, опозицијата се обидува да изврши уште еден напад врз институциите како оној на 27 април 2017 година, но овојпат со намера да ја заземат зградата на Владата.
Нападот врз Владата е лошо организиран, а на самиот влез, напаѓачите – претежно членови на Левица и ВМРО-ДПМНЕ – успеваат само да се степаат меѓу себе. Полицијата мора да интервенира за да ги раздвои, а на некои да им пружи и итна медицинска помош.
Сепак, инцидентот остава темна дамка на турбулентното политичко секојдневие на земјата. Меѓународната заедница упатува отворено предупредување до опозицијата да престане со „спонзорирање на екстремизмот“ и ја повикува да ги остави на страна партиските, туку да се фокусира на заедничките национални интереси. Мицкоски и Груевски одговараат со долги и бесмислени Фејсбук статуси.
БЕГАЛСКИТЕ КАМПОВИ, АГИТПРОП МАТЕРИЈАЛ ЗА ДЕСНИЧАРСКИТЕ ПОПУЛИСТИ
Како и секогаш, бегалските кампови се извонреден повод и агитпроп материјал за ксенофобите и десничарските популисти да предизвикуваат тензии и страв меѓу населението. Тие се и добра основа за дополнителни обвинувања на адреса на владата за лош менаџмент на кризните состојби.
За тоа време, Владата на Ковачевски добива голем број пофалби од меѓународната заедница за хумано постапување и добро менаџирање со бегалската криза.
ОПАСНОСТ ОД ГУБЕЊЕ НА КАНДИДАТСКИОТ СТАТУС
И покрај сите напори на Владата на Ковачевски да ги смири состојбите, нападот против демократијата е извонредно жесток, добро организиран и сесрдно помогнат од антизападните центри во регионот. Некои лидери во ЕУ гласно укажуваат дека опозицијата ја дестабилизира земјата и дека состојбата во Северна Македонија е толку тешка што може да предизвика замрзнување, па дури и губење на статусот на кандидат за членство во ЕУ и воведување визен режим… Угледни аналитичари од Европа и САД алармираат дека дури и членството во НАТО може да биде доведено во прашање.
СЕ АКТИВИРА ЦРНАТА ЛИСТА
Се активира „црната листа“ на САД за голем број политичари, бизнисмени и медиумски газди од земјата. Тоа, барем привремено, ги смирува духовите и ѝ дава време на Владата да се консолидира, но опозицијата и антидемократските центри на моќта брзо наоѓаат алтернативи.
Серија скандали и дезинформации ја вознемируваат јавноста и ја разнишуваат довербата во институциите.
ИСЕЛУВАЊЕ, ПОВЛЕКУВАЊЕ НА СТРАНСКИТЕ ИНВЕСТИЦИИ, РИЗИК ПО ОПСТАНОКОТ НА ДРЖАВАТА
Сѐ повеќе луѓе се иселуваат од земјата. Во последниот квартал од годината, неколку големи странски инвеститори најавуваат дека ќе го намалат обемот на инвестициите или ќе се повлечат.
Истовремено, се бележи регистрирање на неколку сомнителни „странски“ компании кои, во перспектива, можат да послужат како паравани за перење пари и финансирање на разузнавачки операции и терористички акции.
Годината завршува со жестока криза во земјата. Аналитичарите предупредуваат дека постои ризик дури и за самиот опстанок на државата.