Пишува: НЕНАД ЈОВАНОВИЌ
Кои се нашите теми и политики? Кога велам кои се тоа „наши“ теми и „наши“ политики, нужно се јавува прашањето кои сме тоа „ние“. Е, ние сме луѓе од пристојната демократска јавност, од онаа јавност која разбира дека „јас“ не може без „другоста“, без различноста; ние сме она „јас“ кое сфаќа дека цела политика се конституира преку Другиот – и другиот, а не себе, го афирмираш, комшија!
Што значи, во дополнителен превод, дека уште ние – луѓето од цивилната и демократска јавност – знаеме да ги дефинираме и човековите права. А тоа значи дека човековите права претставуваат капацитет на нас поединците да се лишиме од предрасудите спрема сите други поединци.
Може ли попластично, Јовановиќу? Може, се разбира. Тоа се инсистирањата за женските права, геј правата, мировните договори, инсистирањето на трипартитност на моќта: извршна, судска и законодавна; онаа власт која работи независно една од друга. Тоа се нашите залагања, тоа се нашите Европски утопии за „вјек и векова“, комшија! Понатаму, еколошките теми, загадувањето, тоа се лево-либерални теми, што значи тоа се теми за граѓанско општество; темите за правата на родилките, правата на животните, правата на Ромите, а против ксенофобија, тоа се теми кои можат да живеат само кога на власт имате демократска Влада. Кога имате политички контекст така што овие теми ќе се возможни прво за детектирање, а потоа и за решавање, туку сте ја погодиле политиката. Понатаму, работничките права, социјалните права… Сите овие политики се наши политики. За овие политики најмногу пишувале и фантастично дефинирале „лево-либерални“ автори. За овие политики се бориме (и се боревме во декадата на магискиот груевизам) од секогаш. Тоа е нашата смисла и идеја-водилка.
Добро, море, Јовановиќу, ако сите овие теми се ваши теми, кои се нашите теми? Ако сега претпоставиме дека во оваа реторичка дихотомија ни се појавува некој десничар, „традиционалист“, оној што не се препознава во ниедна тема од погоре, односно ниедна тема од погоре не е негова тема, тогаш одиме со артикулација на „замислениот десничар“.
Ваша тема би била, односно десничарска тема би била: враќање на монархија, инсистирање на елитизам и индивидуализам, еден Бог, што значи монотеизам, и… насилството. Односно колективистички терор. Како, море, сега теророт, нели ние сме најпитомите „патриоти“ на целиот свет, век, галаксија и Млечен пат? Ех, како не се тоа, итекако се тоа, само кога не се „испентерени“ во извршната власт, потоа радикално контекстот се менува и се создава… „макљажа“, комшија!
Апасење, за уши од дома вадење, пресуди од тефтерче, Комитетот одлучува кој ќе живее, а кој ќе умира; кого ќе оставиме на живот, а кого ќе катапултираме во стратосферата итн. Ако сте ултра имагинативни: масовно прислушување, партијата ќе биде замена за државата, популизам, еден центар ќе одлучува до каде ќе одат медиумските слободи… Така што, ако контекстот се промени, добиваме една популистичка антиутопија зачинета со системско насилство и… масовна корупција. На крајот секогаш ќе ни се појави некоја „мала“ или „голема“ војна, во зависност од „креативната“ манијакалност на властодржецот или монархот.
Да ви дадам уште неколку пластични примери. Ако не бевме ние граѓаните (жалам за моето безобразие, ама ова е вистина), Груевски и ден-денешен пред сите ќе ги толчеше своите вмровци, а за Мицкоски немаше да се зборува како за „лидер на десницата“, туку, најверојатно, ќе си останеше сувопарен и безначаен професорчиќ кој предава на Машински факултет во Скопје.
Што значи, „империјалните граѓани“ и (анархичните?) либерали најпрво ги спасија вмровци од својот најголем курвин син што изминатите години ги тероризираше, а тие кутрите го гласаа како рој пчели забодени во мед. И не само што го гласаа, туку бараа уште терор и уште насилство. Ако, пак, за тоа вмровчињата ни замеруваат, о, света Маријо, грешни сме!
Ако „империјалните“ граѓани (со нивното инсистирање на тие „фамозни човекови права“?) „од Западот“ го решија бесмислениот проблем со Грците, проблем кој не мрцвареше три бесмислени децении, о, света Маријо, и за тоа сме грешни!
Ако „империјалните“ граѓани „од Западот“ – најпрво создавајќи контекст – во кој влезот во НАТО е можен – о, света Маријо, грешни сме!
Ако „империјалните“ граѓани „од Западот“ – најпрво создавајќи контекст – со Францускиот предлог – во кој почетокот на преговорите со Европската унија е возможен, а со тоа останавме верни на тридеценискиот национален пат на оваа држава – о, света Маријо, грешни сме!
Море, знаете што? Вие мене може сега да ме „о-клеветите“ дека јас манипулирам, спинувам или отворено лажам. Најдобро е вака да направиме: да ги отвориме документите и видиме кој што направил за оваа земја – кој најмногу крадеше и се мастеше во наше име, а кој решаваше децениски наталожени и секојдневни проблеми. Па, фино-лепо, ајде да броиме, точка по точка, параграф во параграф, печат по печат, факсимил по факсимил. И броиме, комшија, лист по лист!
Десничарите, тоа признавам, ништо не ги интересира освен колективистички фантазми. Сè што не можат да дефинираат, да објаснат, да го сфатат местото свое и местото на другите, тие гледаат исклучиво преку диоптерот на колективизмот. „Брате, ние кога ќе им појдеме, мамето мамино нивно, тие ли нас ќе ни мочкаат, ние сме бре тоа и секогаш ќе бидеме тоа, така ли е братеее, дај ваму рака да пукнеее“.
И обично пука нечија глава или аркада. А дека така го убиваат дури и колективизмот, јок, батице, за жал, дури и за тоа не се свесни. Лудачки и чудовишно е кога луѓе во несвест се обидуваат да ти кројат политики. И уште на ништо ти бараат власт.
Ти доаѓа да си апнеш од онаа работа.
Текстот е личен став на Авторот. Дозволено е преземање на текстот според лиценцата Creative Commons 4.0. Извор: ФРОНТЛАЈН.