Европскиот парламент денеска усвои резолуција во која се залага за формирање на специјален меѓународен трибунал за злосторства и агресија против Украина, барајќи да се истражи не само раководството на Русија, туку и на Белорусија.
Европските парламентарци ја повикаа ЕУ да побара, во тесна соработка со Украина и меѓународната заедница, формирање на специјален меѓународен трибунал за гонење на руското политичко и воено раководство и неговите сојузници, соопшти Европскиот парламент.
Во резолуцијата се наведува дека злосторствата извршени од руските сили во Буча, Ирпин и многу други украински градови „ја откриваат бруталноста на војната и ја истакнуваат важноста од координирана меѓународна акција за изведба на одговорните пред лицето на правдата во согласност со меѓународното право“.
Европратениците изјавија дека формирањето на трибуналот „ќе го пополни вакуумот“ во меѓународното кривично право и ќе ги надополни истражните напори на Меѓународниот кривичен суд, бидејќи „во моментов не може да истражува злосторства на агресија кога станува збор за Украина“.
Наведувајќи дека допрва треба да се утврди точниот модел и составот на специјалниот трибунал, европратениците посочија дека таков суд мора да има овластување да го истражува не само претседателот на Русија, Владимир Путин и политичкото и военото раководство на Русија, туку и претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко и неговите соработници.
Наведоа и дека ЕУ треба веднаш да започне со подготовките за формирање на трибуналот и дека на украинските и меѓународните власти треба да им се даде поддршка за обезбедување докази кои ќе се користат во иднина.
„Парламентот силно верува дека формирањето на специјален трибунал ќе испрати многу јасен сигнал и до руското општество и до меѓународната заедница дека претседателот Путин и руското раководство можат да бидат осудени за кривично дело агресија во Украина“, се вели во соопштението.
За резолуцијата гласаа 472 пратеници, 19 беа против, а 33 беа воздржани