„Мојот пријател Вејсел кој се наоѓа во една од погодените области од земјотресот во Турција ме замоли да пишам, со надеж дека некој ќе прочита и ќе им помогне што е можно побрзо. Три града се целосно отсечени и немаат никаков пристап до помош. Немаат храна, вода, лекови. Условите се лоши, врне снег, дожд… Се слушаат врисоци и повици за помош од урнатините, нема доволно механизација да расчисти. Најпотребна е помош за Adıyaman. Еве, може да прочитате. Ако некој било како може да помогне, да упати апел за спасувачки екипи, ве молам да го направите тоа што е можно побрзо!”, е објавата на Фејсбук на една Македонка, од која преку социјалните мрежи Турчинот Вејсел Топрак бара помош.
Таа го сподели и разговорот со него во кој тој ѝ објаснува дека ситуацијата е многу полоша од таа што ја гледаме преку медиумите.
Патиштата им се целосно отсечени, се слушаат врисоци од луѓе кои бараат помош, а нема кој и како да им помогне. Нема машини, нема телефонска мрежа, вода, електрична енергија…
Како што раскажува човекот нема механизација, автопатите се уништени, се работи за градови на граница со Сирија, нема како да стигне помош освен со трактори, или со хеликоптери некако да се однесе неопходното, вели тој, а врне и снег или дожд.
Иако секојдневно за Турција заминуваат спасувачки екипи од целиот свет, сепак сè уште нема спасувачки напор на многу места, особено во поголемиот дел од Адијаман, Марас, Елбистан и Хатај, кои беа сериозно погодени од земјотресите, пишува и „АНФ“
Хатиџе Акдаг, од Кризната координација на ХДП во Адијаман, за АНФ зборуваше за актуелната ситуација на теренот. Таа рече дека со сопствени средства формирале мрежа за помош, но немало тимови за да ги спасат луѓето од урнатините.
„Сè уште не сме пристапиле до областите погодени од земјотресите затоа што повеќето од нашите административци овде самите се жртви на земјотресите. Во тој поглед има сериозни организациски проблеми“, рече таа додавајќи дека им требаат луѓе, и магацини и било каква друга помош.