Претседавачот со ОБСЕ министерот Бујар Османи за време на својата официјална посета на Молдавија оствари средба со молдавскиот вицепремиер и министер за надворешни работи и европска интеграција, Нику Попеску. Toj во својство на претседавач со најголемата светска регионална безбедносна организација ја истакна важноста на теренските мисии на ОБСЕ и нивното директно влијание на животот на луѓето и изрази благодарност за поддршката која Молдавија ја даде на украинските бегалци.
„Воената агресија на Русија против Украина, имаше влијание врз вашата земја и предизвика големи безбедносни, политички, економски и социјални тешкотии. Издржливоста и отворените раце и срца на молдавскиот народ, не само што ме импресионираа мене, туку и многу други во регионот на ОБСЕ. Кога беше најпотребно, вие обезбедивте неверојатна поддршка на стотици илјади украински бегалци, за кои јас лично, а исто така и целата наша Организација, е многу благодарна”, нагласи Османи.
Своето присуство во Молдавија Османи го дефинираше како јасен сигнал за поддршката на претседателство на Северна Македонија со ОБСЕ, во однос на решавањето на предизвиците со кои Молдавија се соочува, особено за процесот за решавање на Транснистрија.
„Како претседавач, ние имаме за цел мирно, сеопфатно и одржливо решавање на конфликтот во Транснистрија. Секоја резолуција во иднина треба да се заснова на суверенитетот и територијалниот интегритет на Република Молдавија во рамките на нејзините меѓународно признати граници и специјален статус за Транснистрија”, рече Османи.
Тој посочи дека Организација е свесна за последиците кои воената агресија кон Украина ги предизвика врз процесот за решавање на Транснистрија и уште еднаш нагласи дека работата во формат 5+2 која во моментов е во мирување, останува единствениот формален, меѓусебно договорен формат за решавање на конфликтот.
„Ќе застанеме зад секој напор кој обезбедува позитивна динамика за поддршка на целосното спроведување на претходно договорените мерки и идентификација на нови области за договор”, порача Османи.
Тој потенцираше и дека Мисијата на ОБСЕ во Молдавија треба да продолжи да ги посредува средбите 1+1 и работните групи, но и да ги поддржи напорите за градење на доверба, истакнувајќи ја својата поддршка за нејзината работа.
„Мисијата на ОБСЕ во Молдавија има долга историја и многу успешни резултати во овој поглед, на што сите треба да се гордееме. Вчера се сретнав со различни проектни партнери, потврдувајќи ја нашата силна поддршка за редовно продолжување на сегашниот мандат на Мисијата за да може таа да продолжи да ја извршува својата важна работа која е препознаена од луѓето”, нагласи Османи.
Османи потсети дека мотото на претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ е „За луѓето се работи” и истакна дека неговата цел под ова мото е да се направи многу, како за Организацијата, така и за луѓето на кои им е потреба помош. Тој истакна дека се стреми кон зајакнување на соработката и промоција на мирот и стабилноста во целиот регион на ОБСЕ.