На 02.02.2023, Амбасадата на Русија во земјава сподели на социјалните мрежи извадок од интервју со поранешниот фудбалер на Спартак, Игор Митрески, во кое се пренесуваат повеќе невистини.
И неколку руски медиуми го нагласија тврдењето на фудбалерот Митрески дека „Овде 80% се православците“, и дека народот „е заедно со Русите“.
Објавата на Руската амбасада ја сподели и порталот Антропол, кој на 03.02.2023 објави наслов „Митрески за руска телевизија: Политичарите се друга работа, македонскиот народ е заедно со Русите“.
Но, тврдењето дека во Северна Македонија „80% се православци“ не е вистинито. Државниот завод за статистика укажа дека на Пописот во 2021, „Според религиската припадност 46.14 % се изјасниле како православни, 32.17 % како муслимани (ислам), 0.37 % како католици…“.
Непоткрепено е и тврдењето на Антропол дека „македонскиот народ е заедно со Русите“ – иако фудбалерот не го користи овој израз. Во анкетата на ИРИ објавена на 19.12.2022, само 4% од испитаниците ја посочиле Русија како земја која најмногу им помага на националните интереси на земјава, што е намалување од 2% за една година. На прашањето каков треба да биде курсот на надворешната политика, само 4% изјавиле дека таа треба да биде само про-руска, наспроти 47% кои изјавиле дека таа треба да биде само про-ЕУ и Западот.
И тврдењето на Митрески дека „македонските канали емитуваат руски филмови и серии без превод“ е невистинито. Има телевизии кои емитуваат руски филмови и серии, но тие се преведуваат и титлуваат, што е законска обврска.
Согласно законот, „Програмите на странски јазици или деловите од нив што се емитуваат на програмите на радиодифузерите треба да бидат преведени на македонски јазик, односно на јазикот на заедницата што не е во мнозинство“.
Накусо, руската пропаганда го злоупотреби интервјуто со фудбалерот Митрески за ширење невистини и на добропознатиот пропаганден наратив „една вера, еден јазик“. Граѓаните треба да бидат внимателни и да не потпаѓаат на ваква пропаганда, а медиумите треба да ги проверуваат информациите пред да ги објавуваат.
Извор: ima.mk