Минатата година 2022 година во Секторот за внатрешни работи Тетово вкупно регистрирани се 153 кривични дела поврзани со семејно насилство од кои во тетовскиот регион 97 и 56 во гостиварскиот регион. Најголемиот број (99) од кривичните дела (ТЕ-60 и ГВ-39) биле со нанесување на телесни повреди, 44 (ТЕ-28 и ГВ-16) со загрозување на сигурноста и така натаму.
-Најчести причини за минатогодишното семејно насилство на тетовско-гостиварското подрачје се болестите на зависност, пред се алкохол и наркотични дроги, како и здравствени проблеми, семејни недоразбирања поради финансиски и други потешкотии и друго. Она што е карактеристично е дека споредено со претходните години лани далеку почесто се пријавувало семејното насилство, што не беше случај претходно, кога поради предрасуди и стари стереотипи насилството најчесто остануваше меѓу домашните четири sида, објаснува портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифоски.
Во вкупниот број на кривични дела биле инволвирани 169 сторители, а биле заокружени со 147 кривични пријави. Меѓу сторителите најбројни се машки лица 148 претежно сопрузи, поранешни и невенчани сопрузи (87).Меѓу „жртвите“ на ваквиот вид насилство, пак, чиј вкупен број изнесува 170, најзастапени се женски лица (133), најмногу сопруги (84), а евидентирани се и 37 машки лица (сопрузи, татковци и синови), кои лани биле „жртви“ на семејно насилство.