Платформата #деполаризирајсе е посветена првенствено на подигање на свеста на граѓаните, но и на дел од експертската и медиумска јавност, за принципот на демократски институции како вредност, а не само како техничко прашање поврзано со новата методологија на евро-интеграциите. Целта е да се направи јасно и разбирливо нешто што е скриено зад претерано техничката терминологија на евроинтеграциските процеси: имено, институциите може да бидат и ефикасни и да работат според законите, но не мора нужно да се демократски, вели во интервју за „ИМА“ д-р Катерина Колозова, директорка на Институтот за општествени и хуманистички науки, кој заедно со партнерски организации го спроведува проектот „Преку деполаризација до демократски, стабилни и вклучувачки институции: Придонес на граѓанското општество“.
На прашањето дали е можен критички и информиран дијалог меѓу властите и граѓаните, со посредство на здруженијата на граѓани кои се обидуваат да ги актуелизираат проблемите на граѓаните, Колозова смета дека потребна е деполаризација меѓу граѓанските организации и институциите, која е исклучително висока како што покажува едно истражување кое во моментов го довршува и наскоро ќе биде објавено.
-Потребна е комуникација на добра волја, принципиелен дијалог на критика (понекогаш и жестока), но во име на подобрување на политиките за што е потребна волја за соработка од двете страни. Граѓанските организации се првенствено „адвокати“ или застапувачи (advocacy е суштината на нивната дејност) и треба да се подготвени да преговараат со институциите во име на граѓаните. Тогаш, Граѓанинот добива сопствен глас преку овие организации, смета Колозова.