„Моето мислење е поинакво од она на бугарската страна – сметам дека впишувањето на Бугарите во македонскиот Устав е апсолутно бесмислена работа. И со тоа и без него, Бугарија треба да дозволи преговори на Северна Македонија со ЕУ“, изјави Димитар Атанасов од Институт за етнологија и фолклорни студии со Етнографски музеј при Бугарската академија на науките.
Односите меѓу С. Македонија и Бугарија, вели тој, сериозно се влошија, особено по иницијативата за отворање на т.н културни клубови во двете земји. „Тие беа искористени како средство за провокација, но вината за нарушените односи е на двете страни“.
И од двете страни на границата, според него, има политички субјекти, партии и институции, на коишто во нивен интерес е односите да бидат се полоши. „Знаеме дека и од двете страни на границата има партии со предзнакот ВМРО. Од една страна, од македонската страна тоа е партија која е постојан претендент за власт и една од нејзините основни карактеристики е етнонационализмот. Во бугарскиот случај, партијата ВМРО веќе е маргинална и не е сигурно дали ќе влезе во парламентот. Мрежите на некогашните тајни служби не престануваат да ги влошуваат односите“, изјави бугарскиот историчар.