Руската инвазија врз Украина ги предизвика „најмасовните прекршувања на човековите права што ги живееме денес“ изјави денес генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, објави Си-Ен-Ен.
„Тоа доведе до широко распространета смрт, уништување и раселување“, рече Гутереш и додаде дека канцеларијата на Високиот комесар за човекови права документира десетици случаи на сексуално насилство врз мажи, жени и девојки“.
Гутереш имаше свое обраќање на состанокот на Советот за човекови права на ОН во Женева, на комеморација на 75-годишнината од Универзалната декларација за човекови права.
Тој ги повика владите да ја почитуваат и ревитализираат декларацијата, за која рече дека често се злоупотребува.
Во годишниот извештај, се вели дека доказите за воените злосторства во Буча, предградието на Кијив, биле дел од шемата што се повторува безброј пати.
Како што претходно објави Укринформ, во понеделник, на 27 февруари, во Женева започна годишната седница на Советот за човекови права на ОН, а на главна агенда е истрагата за воените злосторства извршени од руската армија во Украина.
Се очекува да зборуваат околу 150 шефови на држави и влади, вклучително и претставници на САД, Кина, Украина и Иран.
Минатата недела се одржаа сослушувања во Њујорк во седиштето на ОН во врска со грубото кршење на човековите права предизвикани од руската агресија врз Украина. Првата дама Олена Зеленска, говорејќи во ОН, повика на создавање на трибунал кој ќе ги истражи руските злосторства во Украина и ќе бара одговорност од криминалците за кршење на човековите права, убиства и насилство.
Подготви: А. Р.