Во интервју за Рацин.мк, министерот за надворешни работи Бујар Османи вели дека со нивниот нагласен ангажман во Европа, Соединетите Американски Држави се важен чинител за безбедноста на континентот во услови на војна на континентот, во услови на руска агресија во Украина.
Многу е важно прво да се консолидира и одржи единството на трансатлантската заедница. Второ, многу е важно да се внимава на потенцијалните кризни региони, конфликти, спорови за да не бидат злоупотребени од страна на Руската Федерација за да го дефокусира од еден централен фокус во којшто е сега светот, истакна министерот Османи.
Тој укажува и на зголемениот ангажман на ЕУ во однос на европската перспектива на регионот откако минатата година имаше четири поместувања како што беа почетокот на преговорите за Албанија и Северна Македонија, кандидатскиот статус за Босна и Херцеговина и визната либерализација на Косово.
На исток Украина и Молдавија добиваат кандидатски статус што значи целиот процес на европското проширување влезе во нов контекст, во контекст на геополитичка важност, односно проширувањето стана инструмент за безбедност на самиот европски континент и се разбира дека тука САД се важен чинител, потенцира Османи.
Шефот на дипломатијата Османи потсетува дека САД веруваат во европската перспектива на Северна Македонија.
Јас често повторувам дека зад секој успех на нашата држава, во еден тежок регион, има помал или поголем печат на САД. Тие се наши стратешки партнери, со којшто минатата година отворивме ново поглавје и стратешкото партнерство премина во стратешки дијалог што е една динамизирана форма на односи, додаде Османи во интервјуто за Рацин.мк.