Обвинетиот Зоранчо Митровски ја призна вината во случајот „Империја“, по што Основниот Кривичен суд Скопје одлучи дека по однос на овој обвинет, постапката ќе се раздвои. Овој процес се води против преостанатите три лица од предметот, по спроведената истражна постапка против 19 лица.
Обвинетиот Цветен Панделески, од друга страна, пред судот рече дека не може да го разбере обвинението.
– Јас ова обвинение не можам да го разберам, не се чувствувам виновен, рече тој.
Панделески одговори дека не се чувствува виновен за ниту едно од делата што му се ставаат на товар.
Обвинетиот Јованчо Тасковски, преку неговиот адвокат, побара прекин на постапката од краток временски период, поради увид во штетата.
– Се двоуми и да признае вина, и да не признае, поради тоа што се работи за специфичен кривично-правен настан, за кој се работи од 2014 година, односно, со тогашното СЈО 2018 година, при што на мојот клиент му пренесов дека има и трошоци на постапка, а кој не е способен финансиски истото тоа да го покрие. На господинот Тасковски му е неопходен краток временски период, тоа да го консултира и со своите членови на семејството. Затоа бараме од судот да ни овозможи дополнително да се произнесеме, рече адвокатот Мерџан Даути.