Премиерот Димитар Ковачевски, се обрати на настан во чест на 3-годишнината од приемот на Република Северна Македонија во НАТО, организиран од Министерството за надворешни работи.
Станува збор за традиционален НАТО појадок со амбасадорите на земји членки на НАТО, како почеток на Деновите на НАТО во Северна Македонија, што се одржа во Клубот на пратеници во Скопје, а како специјална гостинка присуствуваше и украинската амбасадорка.
Во продолжение е интегралното обраќање на премиерот Ковачевски:
„Да се биде подготвен да се брани безбедноста, значи да се чува мирот. Затоа, НАТО е меѓународна безбедносна организација и најголемиот воено-политички сојуз. Но, пред сѐ, НАТО е штит на единственото нешто без што ништо друго не е возможно. А тоа е мирот. И како премиер на држава којашто ја исполни 30-годишната стратешка цел и веќе 3-та година е членка на НАТО, можам само да порачам дека е незаменливо чувството да не сме сами. Да сме во семејството на демократски народи и држави кои функционираат по принципот „Еден за сите и сите за еден“. Во услови кога светот, во 21-от век се соочи со целосно неразумна и недозволива агресија на Руската Федерација врз една суверена и независна држава – Украина – светлото е вперено кон НАТО.
Пристапот во НАТО е излез од неизвесност и влез во сигурност. Затоа е клучно да продолжи политиката на отворени врати на НАТО кон државите од европскиот континент коишто имаат вакви аспирации.
На Република Северна Македонија добро ѝ е познато што значи да се живее во таква загриженост – да се биде во воено опкружување, додека пламтеше во околните држави за време на поранешна Југославија – да се бара начин да се сочува домашниот мир, идентитет, црква и јазик. И го сочувавме, со тоа што сите заедно, Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци, други, застанавме зад определбата да го одбраниме мирот. Оттаму, добро ни е познато и значењето на обединетоста.
А што е НАТО, ако не тоа – заедништво. И единствениот начин да се спаси мирот во светот е да се обединиме околу потребата да го вратиме мирот во Украина.
Тоа е повеќе од неопходно, во овие изненадувачки околности, кога на европското тло се вратени тенкови од времето на конвенционалната војна што се сметаше за минато и истовремено кога светот е соочен со оружјето на иднината – хибридните закани и лажните вести, како дел од предзвикувачката информациска војна. На којашто, исто така, само во блиски и координирани активности, можеме – и мораме да се спротивставиме.
Можев да го започнам ова обраќање со низата видливи придобивки за нашата држава по приемот во НАТО, на денешен ден пред три години и ќе се осврнам кусо на нив сега.
Но, како што реков, ако во светот има мир – можеме сѐ. Ако нема мир – не можеме.
Во актуелниот геополитички контекст и земајки ја предвид регионалната стабилност, којашто денес е веројатно на највисоко ниво од кога било, но со предизвици како и во самата Европа – добро е што Република Северна Македонија е членка на НАТО. И сме држава којашто прави пробив во европските интеграции, со новиот исчекор што е добро и очекувано да се случи.
Со членството во НАТО и почетокот на преговорите со Европската Унија, со концептот за еднакво општество дома, со храбрите, но и државнички одлуки со коишто ги заштитивме идентитетските одредници и националниот идентитет, со функционалните политики на дијалог и разбирање, Република Северна Македонија денес е фактор на стабилноста на Западен Балкан.
А јасно е дека евратлатската ориентација на регионот е потребна и во функција на европските мир и стабилност и во насока на просперитетот.
Што значи членството во НАТО за граѓаните и за Северна Македонија, доволно е само да посочам на податокот дека странските директни инвестиции лани се во висина од 753,8 милиони евра, или двојно повеќе во однос на 2016 година.
Република Северна Македонија не е повеќе земја на евтина работна сила.
Во технолошко-индустриските развојни зони изминативе неколку години се отворени над 10.000 работни места и тоа добро платени работни места, со просечни плати над платите во јавниот сектор.
Јасно е дека странските инвеститори сакаат сигурност.
Денес, Северна Македонија ја градиме во Зелен енергетски центар во Европа, со тоа што само лани во земјава се изградени нови електроцентрали, со капацитет над 152 мегавати за производство на струја од обновливи извори на енергија, а до крајот на оваа 2023 година, во македонскиот енергетски систем очекуваме да бидат инсталирани околу 300 мегавати од фотонапонски електрани, преку инвестиции од земјите партнери, САД и Европа и со помош на мултилатералните финансиски институции и билатерални кредитори.
Мене ми е навистина драго и во име на граѓаните на Република Северна Македонија ви се заблагодарувам што во нашата држава гледате кредибилен и достоинствен партнер, којшто седи рамноправно на масата на Алијансата како 30-та земја членка.
Знам дека има свесност што значи тоа што се поставивме целосно и без задршка, веднаш, на линија на заедничката и надворешна безбедносна политика на Европската Унија, во поглед на ситуацијата во Украина.
Сѐ има своја цена, велат – но се обидуваме, како Влада, со низата мерки што ги донесовме и ги носиме и со поддршката од ЕУ да го штитиме стандардот на граѓаните – затоа што сѐ има своја цена – освен мирот. Мирот нема цена!
Северна Македонија, како земја – членка на НАТО активно придонесува кон колективната безбедност на Алијансата.
Тоа го покажавме и со долгогодишното учество во мисиите предводени од НАТО, Европската Унија и Обединетите Нации.
Армискиот полигон „Криволак“ е место за развој на интероперабилноста и од страна на сојузниците во НАТО.
Буџетот за одбраната е во постојан раст. Во однос на 2022 година, зголемен е за 24,45 проценти. И остануваме на нашиот план согласно којшто буџетот за одбраната ќе изнесува 2 процента од бруто домашниот производ до 2024 година.
Ги почитуваме вредностите на земјите членки на НАТО – демократијата, слободата, владеењето на правото, почитувањето на јавната дебата, во што изминативе неколку години имаме значителен пробив.
Трасираме пат за сегашните и следните генерации.
Членството во НАТО се покажа како вистинска одлука во вистински момент. Ги осигуравме безбедноста и перспективите како успешен, стратешки, патриотски чекор во вистинско време и денешното време е најдобра потврда за тоа.
На истиот брод сме сите и мора солидарно и обединето да дејствуваме во одбраната и унапредувањето на мирот и просперитетот во светот.
Ние сме НАТО!”