Премиерот Димитар Ковачевски, заедно со вицепремиерот Артан Груби, министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу и министерот за локална самоуправа Ристо Пенов, денеска се сретнаа со делегација предводена од Специјалниот претставник и координатор на Центарот за глобален ангажман на американскиот Стејт департмент, Џејмс Рубин и амбасадорката на САД во Северна Македонија Анџела П. Агелер.
На средбата тема на разговор беа состојбите и борбата со дезинформации, манипулација со информации како и другите закани во информатичкиот простор на Западен Балкан кои се организирани од трети земји.
Во фокусот на средбата беше зацврстувањето на поддршката за иницијативите за борба со дезинформациите кои ја поткопуваат демократијата и националната безбедност низ целиот свет, и како двете страни можат да соработуваат за колективно да се спротивстават на заканите во информативниот простор на Западен Балкан. Акцентирана беше потребата од вмрежување на сите партнери и засегнати страни како на национално така и на регионално ниво.
Ковачевски ги посочи активностите кои Владата на Северна Македонија ги презема секојдневно и стратешки во насока на справување со штетното дејство од дезинформациите и нагласи дека демократскиот свет е под постојан напад од пропагандни центри чија цел е да внесуваат страв и несигурност кај населението, да ги поткопуваат демократиите и на нечесен, манипулативен начин, на штета на јавниот интерес и добробитот на граѓаните, да шират влијанија на трети страни.
Владата застанува одлучно во спротивставувањето на дезинформациите и постојано воспоставува партнерства во оваа глобална битка, со стратешките партнери, со независните сервиси за проверка на факти, со домашните институции, со медиумските организации и со медиумите. Само со заеднички и сеопфатен пристап на сите чинители во општеството ќе успееме да се справиме со штетните дејствија на дезинформациите, нагласи премиерот Ковачевски.