Премиерот Димитар Ковачевски вечерва е домаќин на Ифтарска вечер, на којашто присуствуваат поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул Улема хаџи хфз. Шаќир ефенди Фетаи, министри и членови во Владата на Република Северна Македонија, претседателот на Собранието, Талат Џафери, пратеници, претседатели на политички партии, уредници и други гости.
Во оваа Ифтарска вечер, еве седиме заедно на маса, го делиме лебот, споделуваме меѓусебна почит – и ова е најдобар одраз на вредностите кон коишто сме определени. Тоа е сплотеноста, во еднакво општество за сите, во кое што заедно ги надминуваме предизвиците и заедно ги отвораме перспективите, градиме иднина – за секој човек, за секое семејство, за нашата заедничка држава, којашто е наш заеднички дом, порача премиерот Ковачевски.
Тој посочи дека годинава рамазанскиот пост се преклопува со велигденскиот пост, се пости различно, но дека пораките на двата верски празника – и на Рамазан и на Велигден, се исти.
Да сакаме, да сочувствуваме едни со други, да простуваме, да имаме разбирање едни за други, апелира премиерот Ковачевски.
Рамазан, како што рече Ковачевски, се смета за месец на обнова на душата и телото, затоа што е шанса да се согледа и прифати вредното.
Ифтарската вечер, којашто ги спојува членовите на семејствата, роднините, пријателите, којашто го слави заедништвото – е само потврда дека обединетоста е меѓу врвните вредности. Затоа што, секој сам можеби може. Но, сите заедно, сигурно можат – и повеќе и подобро. Во пресрет на Рамазан Бајрам, ви пожелувам на сите добро здравје, спокој, радост во домовите. И да го чуваме и негуваме ова наше заедништво, во општеството по кое станавме пример и во регионот и во Европа, како се учи, работи, живее заедно, во мир. Ви посакувам пријатен Ифтар и благодарам што сте тука, се обрати на Ифтарската вечер до присутните, претседателот на Владата, Димитар Ковачевски.