Протечените документи на Пентагон кои се појавија на интернет најверојатно нема значително да влијаат на текот на конфликтот во Украина, се наведува во денешниот редакциски коментар на „Вашингтон пост“.
Се додава дека објавениот материјал му дал на Кремљ некои корисни детали, но дека во документите има малку што може да доведе до целосен пресврт на теренот.
Се вели дека информациите за количеството оружје и муниција што ги поседува украинската војска може да ѝ бидат од помош на Русија, како и сознанието дека Пентагон е загрижен поради статусот на украинските системи за противвоздушна одбрана, сепак, на Москва повеќе би и значело да го открие обемот на американските разузнавачки способности со чија помош Вашингтон успеал да ги собере овие информации.
Весникот наведува дека објавените документи не даваат никакви информации што би можеле да ја принудат Украина суштински да ги промени своите планови.
Иако Русија најверојатно ќе биде заинтересирана за протечените проценки околу недостигот со кој се соочува украинската противвоздушна одбрана, сè уште има многу работи што не може да ги дознае од овие документи, вклучително и брзината со која Кијив набавува нова западна противвоздушна муниција, пишува Вашингтон пост и наведува дека некои од протечените информации можеби веќе се застарени.
Американските медиуми претходно јавија дека Пентагон и американското Министерство за правда започнале истрага за протекувањето на доверливи документи поврзани со плановите на НАТО и Вашингтон да ги обучуваат украинските сили за контраофанзива.
Ројтерс претходно објави дека тоа би можело да биде најголемото протекување на податоци откако Викиликс објави повеќе од 700.000 документи, видеа и дипломатски извештаи во 2013 година. Сепак, агенцијата додава дека објавените документи би можеле да бидат лажни.
Г. Т.