Статусот на дијалогот помеѓу Азербејџан и Ерменија беше главна тема на денешната средба на Претседавачот со ОБСЕ, министерот Бујар Османи со претседателот на Азербејџан, Илхам Алијев.
„Сметам дека ситуацијата овозможува конструктивно ангажирање низ различните меѓународни и билатерални платформи за да се дојде до мирно решение и да се постигне мировен договор кој ќе биде прифатлив за сите, а со тоа да биде и одржлив”, истакна Османи на средбата со Алијев.
„Ќе продолжам со ваков избалансиран пристап. ОБСЕ, со сите свои предизвици со кои се соочува, сè уште претставува форум кој е вистински заинтересиран да види мир во овој клучен регион”, додаде Османи.
Претседавачот Османи истана дека преку постоечки и идни активности, ОБСЕ ќе поддржи решенија кои придонесуваат за стабилноста и безбедноста и кои ја подобруваат состојбата на населението погодено од конфликти.
„Посебно бев заинтересиран да слушнам за прашањето на интеграцијата на Ерменците во Азербејџан и како по долги години конфликти и тензии може повторно да се воспостави стабилност и доверба”, рече Османи.
Тој побара поддршка од Азербејџан, како долгогодишен партнер на ОБСЕ, за решавањето на најитните прашања на Организацијата и на тој начин подобро справување со безбедносните предизвици што го засегаат Јужен Кавказ, но и поширокиот ОБСЕ регион.
Денеска Османи ќе има и средби со министерот за надворешни работи, Џејхун Бајрамов и со претседателката на Националното Собрание на Азербејџан, Сахиба Гафарова.