Министерката за одбрана Славјанка Петровска во интервју за порталот Рацин.мк, на прашањето дали ги смета нападите против неа како еден вид хибридна, специјална војна, со која се прави обид да се создаде сомневање во вредностите на нашите одбранбени политики, во безбедносните структури како што е министерството или Армијата, вели „резултатите од мојата работа се видливи и се погласни од неумесните и неуспешни обиди на некои структури да го минимизираат и анулираат она што е видлив развој“.
„И тогаш и сега велам – ниту еден напад кон мене, нема да ја разниша мојата одлучност одбраната да биде уште посилна и поразвиена, Армијата да биде уште поопремена и позадоволна, државата да биде уште побезбедна, а граѓаните посигурни. Тоа е мојата цел, а граѓаните ќе ценат по тоа што сме го сработиле, а не по празните лаги и невистини кои се лиферуваат од јавни говорници“, нагласува министерката за одбрана Петровска.
Вредноста на политиките кои ги водам во Министерството за одбрана, истакнува Петровска во интервјуто, може да се види единствено преку резултатите кои, и покрај обидите на неколкумина кои се занимаваат со лиферување на лажни вести, се видливи и очигледни.