Пишува: ГОРДОН БРАУН / PROJECT SYNDICATE
Пред неколку недели, Меѓународниот кривичен суд издаде налог за апсење за рускиот претседател Владимир Путин за военото злосторство за незаконска депортација и префрлање на деца од окупираните области на Украина во Русија. Тоа е значаен – навистина, историски – чекор кон тоа Путин и неговите приврзаници да сносат одговорност за нивните злосторства во Украина. Но, мора повеќе да се направи.
Доказите за руските злосторства во Украина – вклучувајќи убиства, силувања, мачења и напади врз цивилно население, цивилна инфраструктура и други невоени цели – продолжуваат да се акумулираат. Само минатиот месец, истрагата поддржана од Обединетите нации објави извештај во кој се обвинува Русија за воени злосторства и можни злосторства против човештвото. Иако обвинението на Меѓународниот кривичен суд веројатно нема да биде единственото правно дејство против Путин и неговите ортаци, тоа е прво. Обвинителот на Меѓународниот кривичен суд осигура дека Путин ќе влезе во историјата како прв лидер на постојана членка на Советот за безбедност на ОН обвинет за меѓународно злосторство.
Потегот не е само симболичен. Оние кои сметаат дека затворањето на Путин е невозможно, треба да се потсетат дека либерискиот воен злосторник Чарлс Тејлор моментално служи затворска казна од 50 години во британски затвор и дека поранешниот српски лидер Слободан Милошевиќ почина во затвор во Хаг додека му се судеше за воени злосторства. И оние кои мислат дека налогот за апсење ќе нема никакво влијание врз обвинетите, треба да ги имаат во предвид извештаите за растечкото несогласување во лидерската страна на Путин, со внатрешни луѓе кои несомнено стравуваат дека и тие ќе се соочат со обвиненија.
Се разбира, додека претседателот на Меѓународниот кривичен суд невообичаено брзо постапи и издаде изјава за намера да го повика на одговорност Путин во Хаг, помалку веројатно е дека Путин ќе се стави во позиција да биде уапсен со влегување во која било од 123-те држави потписници за Меѓународниот кривичен суд. За жал, Русија не го признава Меѓународниот кривичен суд (ниту САД го признава). Значи, со оглед дека американскиот претседател Џо Бајден ја поздрави акцијата, и покрај спротивставувањето на Меѓународниот кривичен суд, како може светот да додаде на притисокот врз Путин и неговите ортаци?
Кривичното дело агресија – почнувајќи со инвазијата на Крим во 2014 година – е „изворниот грев“ на Путин, изворот на сите неодамнешни злосторства. Како што аргументира професорот по право на универзитетскиот колеџ Лондон, Филип Сендс, поедноставно би било да се гони за агресијата отколку за воените злосторства и злосторствата против човештвото, бидејќи може директно да се поврзе со Кремљ.
Надлежноста на Меѓународниот кривичен суд не се протега на гонење на кривичното дело агресија, но може да се формира специјален меѓународен трибунал со експлицитен фокус на ова „лидерско злосторство“. Работата на трибуналот би ја надополнила работата и би дала тежина на Меѓународниот кривичен суд.
Охрабрувачки вести се дека сите големи европски земји, како и Европската унија и Советот на Европа, го поддржаа барањето на украинскиот претседател Володомир Зеленски да Путин и неговите блиски соработници бидат кривично гонети за кривичното дело агресија. Трибуналот би можел да биде формиран следните месеци.
Но, американската помош ќе биде клучна за успехот на еден ваков трибунал. Бајден не треба да стравува дека поддршката за истрагата за Путин би ја навалила вагата – која тој толку внимателно ја калибрира – од поддршка за одбраната на Украина до активна агресија против Русија. Сепак, САД редовно поддржувале специјални трибунали – особено за Камбоџа, Либан, Руанда, Сиера Леоне и за поранешна Југославија – за гонење на меѓународни злосторства. А, американските обвинители беа во првите редови на судењата во Нирнберг, спроведени од страна на Меѓународниот воен трибунал за гонење и казнување на водечките нацисти по Втората светска војна. Истото важеше и за Меѓународниот воен трибунал за далечниот исток, кој ги спроведе „судењата во Токио“ на јапонските воени злосторници.
Двата трибунала се основани врз основа на Декларацијата на палатата Сент Џејмс од 1941 година, или Лондонската декларација, во која сојузничките сили се согласија дека нема да има безбедно засолниште за оние кои се виновни за агресија. Ова, исто така, би ја формирало основата за специјалниот трибунал кој би имал задача да го истражува и гони Путин.
Загриженоста дека ваквиот трибунал би ја отворил вратата за кривични гонења поврзани со конфликти како ирачката војна се исто така неосновани. Специјалниот трибунал за кривичното дело агресија во Украина би бил одговор на експлицитното барање на Зеленски, упатено во име на украинската влада и народ. Надлежноста на трибуналот би била изведена од украинското право, заедно со забраната за кривичното дело агресија својствено за меѓународното право. А телото би се фокусирало исклучиво на состојбата во Украина, каде доказите за престап веројатно – и за разлика од многу други конфликти – ги исполнуваат многу високите стандарди за докази кои се потребни.
Ниту пак изгледите за судење ќе го направат Путин помалку подготвен да размислува за мировни преговори. Јас директно имав работа со Путин, и како министер за финансии и како премиер на Обединетото Кралство, не само во врска со атентатот во 2006 година на рускиот дезертер Александар Литвиненко, кој доби државјанство во Обединетото Кралство. Тие искуства ме научија дека единствениот јазик кој Путин го разбира е оној на моќ. Тој нема да гледа на воздржаните удари како на маслиново гранче кое вреди да се земе, туку како на уште повеќе умирување произлезено од слабост.
Пред руската бруталност, Украинците застанаа обединети и се бореа храбро. Останатиот дел од светот– воден од САД – мора да ја покаже истата храброст и одлучност за да се осигура дека правдата ќе биде задоволена, почнувајќи од највисоките лидери на Русија.
Америка го сака крајот – одговорност за Путин и неговите ортаци. Сега мора да ѝ се приклучи на Европа во поддршка на намерите за тоа.
Гордон Браун е поранешен премиер и министер за финансии на Обединетото Кралство.
Превод: Наташа Цветковска.