Огромното мнозинство од политичките партии, вклучително и главната опозициска партија јавно се изјаснија за поддршка на евроинтегративниот пат на земјата. Ова е многу добро и тоа е многу важно, затоа што преговорите за пристапување во ЕУ се главна задача, која бара извонредна посветеност и ангажман од сите – владата, опозицијата, па и општеството во целина. Тоа е процес кој ќе се протега низ условите на различни влади и затоа треба да се третира како национален проект како што беше случајот во другите земји кандидати, кои сега се земји-членки на ЕУ. Затоа, важно е партиите кои се изјаснуваат за влез во ЕУ, да преземат политичка одговорност и да постапат соодветно, вели во интервју за „Локално“ евроамбасадорот Дејвид Гир.
Што се однесува до почитувањето на правата на различните заедници во Северна Македонија, според Гир, земјата е добар пример за мултиетничко општество.
-Се разбира, многу внимателно ги следиме случувањата овде и даваме поддршка каде што можеме за да ги зајакнеме напорите за борба против дискриминацијата. Важно е сите поплаки за дискриминација да се третираат сериозно и брзо да се постапува од страна на државните органи. Што се однесува до говорот на омраза, не гледаме докази дека властите поттикнуваат омраза, порача евроамбасадорот во однос на обвинувањата на Бугарија.
Доцнењето на почетокот на пристапните преговори, како и причините за овие одложувања придонеле, според Гир, за чувството на скептицизам меѓу македонските граѓани. Исто така, разбира дека меѓу некои, овие чувства се засилени со стравот од губење на идентитетот во текот на процесот на пристапување во ЕУ. Но, додава, ниту една земја не го губи идентитетот на патот кон ЕУ.
– Сосема спротивно, како што видовме одново и одново од Малта до Шпанија, Словенија до Романија. И оваа земја може да биде сигурна во својот идентитет и во својот јазик. Европскиот пат само ќе ги зајакне. Сведоштво за тоа е неодамна ратификуваниот договор за статусот на Фронтекс – потпишан и преведен на македонски јазик, без фусноти и ѕвездичка, на еднаква основа со сите 24 јазици на Европската унија, истакна тој.
Во однос на корупцијата и борбата против организираниот криминал, амбасадорот на ЕУ истакна дека е постигнат одреден напредок во однос на законодавството и работата на некои институции, но дека е потребно е многу повеќе.
– Потребна е длабока промена во синџирот – од донесување закони преку нивно спроведување, до спроведување на правилата. Овде државните институции имаат клучна улога. Има некои, како што се Државната комисија за спречување на корупцијата или Ревизорското тело кои вршат важна работа, но премногу често не се постапува по нивните препораки, истакна Гир во интервјуто за „Локално“.
Целото интервју на следниот линк!