Балкански компании од вчера можат да го регистрираат своето барање за гас за да учествуваат во првото заедничко купување гас на ниво на Европската унија, објави во вторник Европската комисија, пренесува Хина повикувајќи се на ДПА.
Минатата година земјите-членки на ЕУ одлучија заедно да купуваат гас во обид да обезбедат постабилни цени за компаниите и да ги наполнат складиштата за гас, потсетува ДПА.
Цените на гасот на големо достигнаа рекордни нивоа минатото лето откако Русија нагло го намали извозот на гас во ЕУ, а компаниите и владите се тркаа да најдат алтернативни добавувачи.
„Енергетската криза нè научи дека ЕУ функционира подобро кога дејствува обединето и солидарно“, рече во изјавата потпретседателот на Европската комисија, Марош Шефчовиќ.
„(Здружувањето на побарувачката) … ќе ја искористи економската тежина (на ЕУ) и ќе ни помогне да обезбедиме доволно гас во складиштата за безбедно да ја поминеме следната зима“, додаде тој.
Компаниите од 27 земји-членки на ЕУ, како и од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија, Грузија, Молдавија, Црна Гора, Србија и Украина можат да ги регистрираат своите потреби за гас на онлајн платформата до 2 мај.
Глобалните добавувачи потоа можат да ги поднесат своите понуди од 9 мај. Компаниите во сопственост или контролирани од Русија се исклучени од програмата, рече неименуваниот претставник на ЕУ. Компаниите-учеснички не се обврзани да купуваат или продаваат гас преку платформата.
Предвидено е тендерите за евидентирање на потребите од гас да се спроведуваат на секои два месеци во наредните 12 месеци.