ЦИВИЛ и оваа година спроведува проекти и активности за промовирање на мултикултурализмот и европските вредности во нашето општество. Еден од тие проекти е „Заедно за подобра иднина“ со поддршка од Министерството за надворешни работи на Големото Војводство Луксембург.
Во рамките на проектот, ЦИВИЛ подготвува анализа на состојбите на локално ниво. Со таа цел, испративме прашања до сите единици на локалната самоуправа со прашања за начинот на промоиција и заштита на заштитува мултикултурализмот и европските вредности во нинвата општина, како тие како локална самоуправа ги негуваат европските вредности и кои се нивните препораки до институциите на национално ниво.
Одговор добивме од Општина Македонски Брод. Од нивните одговори може да се заклучи дека на мултикултурализмот гледаа како концепт на културна различност, почит и толеранција, со забелешки кон начинот на водење политики што можат да го нарушат мултикултурализмот.
Во продолжение одговорот на Милка Стаменкоска, вработена во Општина Македонски Брод
Мултикултурализмот како концепт подразбира културна различност, и во исто време го возвишува постоеењето на културната различност било да е тоа религиозна, јазична, расна, етничка или родова разноликост.
Кога заедниците успеваат да одржат размена за почит и толеранција, експертите тоа го нарекуваат мултикултурализам, а денес за жал мултикултурализмот се претвори во политика.
Еден таков вид на почит и толеранција има и во нашата општина – Македонски Брод. Кај нас на една височинка од која се гледа целиот град се наоѓа храм којшто е „свет“ за две религии. До него се стигнува преку 143 камени скали. Имате чувство дека се наоѓате на друго место, дека се враќате во друго време. Православните христијани ја викаат Црква Свети Никола, а за муслиманите е познато како Турбе.Заедничкиот храм на верниците од две религии е еден скромен објект. На Ѓурѓовден тука се собираат и христијаните и муслиманите.
Всушност тоа е православната црква Свети Никола која е единствена по тоа што е позната и под името Турбе. На ѕидовите има фрески од Свети Никола, Девица Марија, Исус, но и слики од бектешкиот светец Али. На средината на просторијата е гробот на бектешкиот светец Хадер Баба, а околу него се послани муслимански простирки за молитва. На гробот има и бројаници, кои според верниците, имаат исцелително дејство.
Овој објект потекнува од 14 век како црква изградена од кралот Урош Трети, која била опустошена кога во регионот дошле турците Османлии. Но, извесен Асан бег повторно ја обновил во 18 век за да ја тргне клетвата од Сарајот кој преку ден го градел а ноќе се уривал. Денес Сарајот е во близина на црквата, односно Турбето.
Во 1994 година е регистрирана како црква Свети Никола и е направено нејзино осветување. Оваа црква е единствена и по тоа што има влез од јужната страна, а тоа е така од почит кон правилата на теќето.
Свети Никола и Хадер Баба – Теќе, ги сплотува верниците од двете вери. Молитвите и на едните и на другите се исти. Православните христијани веруваат дека тука се наоѓа гробот на белобрад старец (Свети Никола), кој ги спасил жителите на село Грмада од чумата која тогаш косела на овие простори. Муслиманите пак, веруваат дека тука е гробот на светецот од бектешкиот ред на исламот Хадер Баба.
При последното обновување на црквата – теќето, средствата се собрани од православни и муслимански верници. Денес има нов фреско живопис, а југоисточната страна од храмот е страна за молитва на бектешите со нивни духовни водачи.
Примерот од Македонски Брод е вистина за Македонија која не се пласира, а е вековна. Тука со векови луѓе одат во заедничкиот храм, нетранспарентно, многу дискретно и тивко, меѓутоа сите го знаат тоа, го почитуваат и се толерираат, вели етнологот Елизабета Конеска.
Основното образование има особена улога и место во стекнувањето на мултикултурниот карактер на општеството.
Во основното училиште во Општина Македонски Брод наставата се изведува само на македонски јазик. Но, сепак училиштето не заборава да го развива соживотот со другите заедници. Многу често спроведува проекти заедно со училишта со друга култура и јазик и при тоа создава позитивна клима за работа од аспект на меѓуетнички односи и социјална структура.
На институциите би им препорачале да се развива соживотот, меѓусебната почит и толеранција. Порано тоа го викавме братство и единство на народите. Би препорачале да не се дозволи да се изгуби идентитетот на едни народи за сметка на други, затоа што разноликоста е богатство, а не материјал за политика и е навистина за почит.
Извор: ЦивилМедиа